Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против возачот на камионот кој вчера на обиколницата ,,Мајка Тереза“, кај клучка Приштина, во правец од Тетово кон Радишани, удри во паркирано полициско возило „јети“ и автомобил „БМВ“, запрено од страна на полицијата. Според обвинителството, возачот управувал со преголема брзина и не возел по средината на сообраќајната лента, поради што не можел навреме да застане и удрил во БМВ-то, кое од силината на ударот удрило во полициското возило.
Тој се сомничи за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
„Осомничениот, вчера по автопатот Скопје-Тетово-Обиколница на Град Скопје, управувал со товарно моторно возило МАН со скопски регистарски таблички. Кога дошол пред надвозникот Визбегово, не се движел по средината на сообраќајна лента и не ја приспособил брзината на условите на патот и на густината на сообраќајот. Од тие причини не можел навреме да го запре камионот и удрил во задниот лев дел на автомобил БМВ 535 со гостиварски регистарски ознаки, кој бил запрен во десната сообраќајна лента заради контрола од страна на мобилна сообраќајна полициска екипа. Од силата на ударот, патничкото моторно возило БМВ се придвижило нанапред и удрило во паркираниот полициски автомобил Шкода Јети и во метална одбојна ограда покрај патот. Автомобилот БМВ се запалил, при што сопатникот во возилото се здобил со изгореници и починал на лице место. Полициското возило исто така се придвижило нанапред и удрило во пешаците – возачот на автомобилот БМВ кој бил излезен надвор од својот автомобил и двајца полициски службеници. Сите тројца се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Еден од полициските службеници подоцна им подлегнал на повредите здобиени во сообраќајната несреќа.
Ценејќи дека се исполнети законските основи и дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на лицето му определи притвор во траење од осум дена.
Во несреќата загинаа две лица, а двајца се повредени.