Закани до Героски: Гледај да не те бањаат во Вардар! – ММС
ММС

Објавено на: 06/21/19 9:24 AM

Закани до Героски: Гледај да не те бањаат во Вардар!

Новинарот Бранко Героски кој почна да објавува неколку новинарски текстови за рекетарска шема во земјава каде со измислени имиња на личностите, кои што пишува авторот, зборуваат вистински настани. Вчера, по приказната за колаицијата меѓу власта и рекетарската банда, Героски порака што ја добил, во која човек кој се претставува како обезбедување на СДСМ му се заканува. Героски најави своја реакција на заканата:

„Претседателе на СДСМ, Зоран Заев, вечерва во 22.14 часот ја добив оваа заканувачка порака од извесен Борче Гиноски, кој за себе вели дека работи во обезбедувањето на СДСМ.
Дали Вашата партија, премиере, почна да се служи со вакви методи? Дали ја одобрувате оваа отворена закана? Дали ќе преземете нешто?Утре изутрина точно во 9.15 часот ќе дојдам во седиштето на СДСМ. Ве молам да го обезбедите присуството на овој господин и на сите што се неопходни за моето најавено “бањање во Вардар”.
Колеги новинари, претставници на ЗНМ и на другите новинарски здруженија, ве поканувам во ова време да бидете присутни на настанот во седиштето на СДСМ на улица Бихаќка, напиша Героски.

Пораката од извесниот Борче Гиноски стигна по објавување на текстови, кои се чини, вознемириле одредени кругови. Ви пренесуваме дел од објавените текстови на Героски:

Еден истражен орган на Република Македонија прв пат сериозно се занимава со активностите на Коки во нашата земја некаде во периодот од 2014 до 2016 година. Во тие последни години на режимот на Груевски, Скопје добива дојава од една меѓународна организација која се бори против криминалот и корупцијата, а особено против белосветските перачи на пари, за сомневање дека еден овдешен ботоксиран тип, кој често патува на релација Север – Југ (тогаш Македонија сѐ уште е југ, нели), се занимава не само со шверц на брендирана гардероба, туку пренесува и торби кеш преку границата, во двете насоки.

Нашиот орган задолжен да истражува случаи на перење пари, според моите сознанија, прилично совесно и детално ги испитал активностите на Коки и ги потврдил сомневањата дека парите доаѓаат од негов пријател од една поранешна југословенска република, но потекнуваат од далечна земја надвор од Европа. Тие сознанија се совпаѓаат со сомневањата на меѓународната организација што ја иницира истрагата.

Некои луѓе ми велат дека има новинари кои веќе пишувале за овие матни операции на Коки (не знам, не се сеќавам дека сум читал такви написи). Се тврди и тоа дека други новинари официјално барале информации за тие истраги, но органот задолжен да го испита случајот останал глув за таквите барања. Инаку, во тој период, токму Коки е главен актер на неколку измами на наивни и невини граѓани. Во тие измами, тој соработува со познати ликови од тогашниот џет-сет. Верувајте, навистина станува збор за епски измами, понекогаш и за крајно комични случаи, па можеби со нив ќе ве забавувам во некое од наредните продолженија на серијалов.

Кој го поврзува Коки со новата власт – Кики и Фрики, или сепак Баки?

Како и да е, моите извори велат дека по падот на Груевски, драстично се менува и односот на новата власт кон екстравагантниот Коки – наодите од истрагите се ставаат во фиока, а тој одеднаш се појавува на нашата сцена како голем хуманитарец и медиумски газда во најава. Новата власт со него веднаш остварува блиска соработка, по разни основи.

Како доаѓа до ваков неочекуван пресврт?

Малку е веројатно дека новата врхушка со Коки го спојуваат луѓето од партијата кои сега се блиски со него – веќе спомнатиот Кики, како и другиот лик што го спомнував, а кого сега ќе го именуваме како Фрики. Моите извори велат дека Кики и Фрики со Коки се спојуваат малку подоцна, по партиска задача, откако тој веќе е дебело поврзан со главните шефови. А најважен за таа нова врска, за таа љубов на прв поглед, е еден наш прочуен советник, исто така по потекло од една поранешна југословенска република (не баш од истата што ја спомнав, од каде е другарчето на Коки). На тој советник би му прилегало името – Баки.

Во последните две опозициски години, како и во првите две години од новата власт, тој Баки – инаку и самиот еден интересен лик со прилично сомнителен бекграунд – поради нешто е многу важен за врвот на нашата владејачка партија. Самиот тој често се фали дека бил клучен играч при освојувањето на власта од страна на СДСМ. Неверојатно! Патем речено, сум имал прилика овој човек да го сретнам, само еднаш, во поширок круг луѓе. Се сеќавам, после таа средба, себеси речиси гласно си наредив:

– Героски, со овој човек си се видел сега и никогаш повеќе! Подалеку од ваквите типови!

Коки е машина за трошење пари

Не знам зошто (не сум баш до толку упатен во животот и делото на нашиот топ рекетар), но сигурен сум дека Коки и Баки и во периодот пред падот на Груевски, а особено потоа, блиску соработуваат и практично се дел од една заедничка операција, која едноставно може да се опише како „увоз“ и „извоз“ на кеш во и од Македонија. Но, надлежните од новата власт веќе не се интересираат што прават Коки и Баки. Не смеат. Патем речено, Коки продолжува и со нелегалниот увоз на брендирана гардероба, што му е спореден, но драг бизнис. Колку што ми е познато, имало два случајни обида на неинформирани цариници да го оцаринат дечково, но двата обида потоа завршиле со извинувања кон „хуманитарецот“ од највисоко ниво.

И така, со полни торби кеш и со нови другарчиња во Македонија, Коки влегува во медиумскиот бизнис на голема врата. Набрзо ќе увиди дека овој бизнис не е баш плукни па залепи и дека пазарот тешко се освојува. Но, тука се новите другарчиња да помогнат. Во таа фаза, по наредба од „врвот“, во медиумската операција, а подоцна и во рекетарските авантури, се вклучуваат Кики и Фрики. Кој помалку, кој повеќе. Но, после првичните успеси и славја, работите полека почнуваат да се комплицираат.

Првата причина за комплицирањето е самиот Коки. Упатените велат дека овој ботоксиран фрик, всушност, е една огромна машина за трошење пари и дека во земјава нема човек кој може да потроши толкави пари за толку кратко време колку што може Коки. Се шират легенди дека тој умее за еден викенд да потроши 50.000 евра, на пример. Други велат дека тој месечно, за сите негови лични лудории, троши околу 150.000 евра. Јас, се разбира, не можам ни да замислам дека сево ова е можно, но ќе ви раскажам како овој лик ми го опиша еден наш познат новинар, со кого се знаеме со години, а сега е една од главните ѕвезди во медиумот на Коки.

Проблемите почнуваат…

Така, во една прилика, колегата ми вели:

– Геро, можеш ли да ми кажеш колку чинат најскапите чевли што било кога си ги купил во животот?

– Паааа… Еднаш во Прага купив еден пар чевли за околу 150 евра и после за малку болен ќе легнев, оти сум циција – му признав на пријателот.

– Е па види сега… Овој Коки што го гледаш, има колекција од околу двесте пара чевли и ниту еден пар не е поевтин од 1.000 евра. Па сега ти пресметај колку пари овој човек има потрошено само за чевли – ми раскажува пријателот, кој сигурно ќе се сети на овој дијалог.

Но, тоа не е единствениот проблем на Коки. Кратко време по освојувањето убава советничка канцеларија, Баки, кој се продава за репрезент на опозицијата во неговата матична земја, како и луѓето од неговата група (кој од кој поголем „опозиционер“, џанам), паѓаат во немилост на шефот на нивната држава. Имено, сите се наоѓаат во ситуација или да изгубат сѐ, или да се предадат и да го сменат дресот. Се разбира, ја избираат втората опција. Нашата врхушка брзо ќе дознае за тоа нагло политичко свртување и ќе се обиде, без голема врева, да го намали влијанието на оваа советничка група, а особено на неуморниот Баки.

Арно ама, тоа не е сѐ. Во меѓувреме, ќе се јави нова нестабилност во регионот, во Македонија ќе почнат да одекнуваат нови „бомби“, со јасна цел да се искомпромитираат односите меѓу СДСМ и ДУИ, се раѓаат нови сомнежи дека овде можеби пак дуваат некои опасни северни ветришта, а згора на сѐ, рекетарите низ Македонија продолжуваат да збираат арач лут без жал. Сето тоа во речникот на мафијата, барем според филмовите што сме ги гледале, се нарекува bаd for the business (лошо за бизнисот).

И како капак на сето ова, доаѓаат сѐ погласните шпекулации дека рекетарската група своите жртви ги уценувала и со нелегално прислушувани снимки („бомби“) и други „инсајдерски“ информации од истрагите што ги води СЈО. Сето тоа се случува во период кога СДСМ преговара со опозицијата за судбината на оваа пржинска институција и кога сѐ поголема реалност станува опцијата на чело на оваа реформирана институција да дојдат други обвинители, на местоото на сегашните три популарни јавни обвинителки. Се проширија гласини дека опаѓањето на популарноста на „трите грации“ делумно е последица и на компромитацијата што им ја приредила рекетарската група на чело со Кокичето наше „хуманитарно“, неспособно да ги сфати драматичните последици на својата разметливост и исфрустрираност.

Камен околу вратот на Заев

Ете, затоа денес премиерот Зоран Заев има проблем како да го симне овој тежок камен што му виси околу вратот. И затоа сите страхуваат од приказните што ги раскажувам, на единствениот можен начин што ме заштитува од опасноста да се впуштам во лиферување на обвинувачки наводи без цврсти докази. Страхуваат другарчињата, затоа што расте бројот на луѓето кои биле жртви на оваа група, се шират нови гласини, па станува јасно дека порабно или подоцна, некој сепак ќе мора да реагира.

Пред да продолжам со другите тажни и неверојатни приказни за подвизите на рекетарите, ќе му дадам неколку дена на штабот што ја контролира оваа група, да се соземе и да сфати дека од ова има само една одбрана –  итно растурање на групата и една ефикасна истрага, со која, по принципот „кој коњ се фати, тој врши“, конечно ќе се стави крај на оваа многу непријатна ситуација. Не вреди да се занимаваат со измислици за мене – за сето она што пишувам во овие написи, знаат многу луѓе во оваа земја, многу новинари, многу партиски кадри што не сакаат да го гледаат овој срам, а дознавам дека биле информирани се и неколку западни амбасадори.