Нашиот и турскиот Архив ќе потпишат Протокол за соработка – ММС
ММС

Објавено на: 06/21/19 7:10 AM

Нашиот и турскиот Архив ќе потпишат Протокол за соработка

Државниот архив на Република Северна Македонија (ДАРСМ) денеска ќе потпише Протокол за соработка со Дирекцијата на државните архиви при Претседателството на Република Турција.

Како што информираат од ДАРСМ, овој Протокол е продолжување на веќе постоечката соработка со Дирекцијата на државните архиви при Претседателството на Република Турција, ќе биде валиден во наредниот период од една година, со можност за негово автоматско продолжување и во наредната година Овој договор е шести по ред.

Првиот Протокол, односно Програма за соработка помеѓу Државниот архив на Република Северна Македонија (тогаш Архив на Македонија) и Дирекцијата на државните архиви во Република Турција е потпишан во 1990 година, а со овие Архиви од Турција во 2012 година беше потпишан и посебен Договор за дигитализација на документи од османскиот период, кои се наоѓаат во Државниот архив на Република Северна Македонија.

Новиот Протокол за соработка предвидува размена на специјалисти од доменот на архивското работење, истражувачки престои и размена на копии на архивски материјал врз основа на реципроцитет и во согласност со националното законодавство, размена на зборници на документи и архивски списанија, организација на научни состаноци и заеднички изложби на репродуцирани примероци од архивски материјал.

МИА