Дали осудениот Анатолиј Дјатлов навистина бил виновен за чернобилската катастрофа? – ММС
ММС

Објавено на: 06/20/19 8:11 AM

Дали осудениот Анатолиј Дјатлов навистина бил виновен за чернобилската катастрофа?

Заменикот на главниот инженер на чернобилската нуклеарка бил дежурен ноќта наспроти 26 април 1986 година. Дали навистина е тој виновен за сѐ?

Одбивен, авторитарен, вреска, ги навредува младите службеници и целосно ги игнорира сите правила, со што ја предизвикува експлозијата на нуклеарниот реактор кој однесува толку многу човечки животи, што не им се знае ни бројот.

Во телевизиската серија Дјатлов е еден од најомразените ликови. Но, дали тој во реалниот живот бил навистина таков? Како живеел пред трагедијата и што се случило со него кога бил осуден на смртна казна?

Компетентен, но строг шеф

Анатолиј Дјатлов е роден во 1931 година во малото село Атаманово во Краснодарскиот крај. Завршил седум години училиште, а во 1945 година се запишал на електро-техничката насока на Нориљската рударско-металуршка школа која ја завршил за пет години како одличен ученик. Три години работел во Нориљск, а потоа се запишал на Московскиот инженерско-физички универзитет каде со одличен успех студирал физика и станал дипломиран стручњак за автоматика и електроника.

Во својата струка добил работа на бродоградилиштето во Комсомољск на Амур каде работел во тајната лабораторија број 23 на нуклеарни реактори за подморници. Потоа во 1973 година од семејни причини е префрлен на тукушто изградената Чернобилска нуклеарна електрана каде работел 13 години и напредувал до шеф на хала со нуклеарни мотори до заменик на главниот инженер за експлоатација и има добиено две државни награди (Орден на честа и Орден на Црвеното работничко знаме).

Луѓето што работеле со Дјатлов велат дека тој бил професионалец и дека бил компетентен во својата струка, но често бил премногу строг и премногу барал. Од друга страна некои го паметат како неправичен и тврдоглав човек кој бавно реагирал и бил склон кон конфликти со другите луѓе, додека трети тврдат дека бил одговорен, принципиелен и чесен човек од доверба. Еве неколку мислења што илустрираат колку ставовите за Дјатлов биле дијаметрално спротивни.

„Дјатлов не беше загреан за работата, иако носеше маска на стар раководител кој бара многу“, се сеќава работникот на Чернобилската нуклеарка Разим Давлетбаев. „Работниците не го почитуваа. Тој ги отфрлаше сите предлози кои подразбираа негово ангажирање“.

„Дјатлов умееше да ги разбере грешките што ќе ги направеа работниците доколку тие беа аргументирани, но апсолутно не можеше да се помири со небрежноста, со некомпетентноста и со неодговорниот однос кон обврските“, пишуваше своевремено државниот инспектор за нуклеарна безбедност на Украина Анатолиј Крјат.

Во книгата „Чернобил: Како беше“ самиот Дјатлов тврди дека тој не бил најлошиот раководител. „Никогаш не тежнеев да бидам омилен кај помладите или кај постарите. Мислам дека е доволно да се биде компетентен и правичен за да се обезбедат нормални работни односи. Во секој случај, никој од моите работници немаше дадено отказ зашто не можел да работи со мене. Понекогаш знаев да бидам премногу остар, но ништо повеќе од тоа. Да, барав многу“, пишува тој.

Фатално тестирање

Обвинетите за хаваријата во Чернобилската нуклеарна електрана (оддесно налево): директорот Виктор Брјуханов, заменикот на главниот инженер Анатолиј Дјатлов и главниот инженер Николај Фомин на судењето.
Игор Костин/Sputnik

На денот на трагедијата сѐ било вообичаено. Кога одекнала експлозијата тоа било огромно изненадување за сите работници, па и за Дјатлов. Со цел да го завршат планираното тестирање (по неколку неуспешни обиди) операторите сакале да го исклучат четвртиот реактор, но наместо да се исклучи, тој почнал многу брзо да се загрева. Оператерите го притиснале копчето за итно запирање на реакторот, но тој тогаш експлодирал. „Тоа беше целосна катастрофа. Најлошото што може да се случи со еден реактор“, пишува Дјатлов во својата книга.

Тој не можел да поверува дека реакторот експлодирал, па наредил во него да се напумпа вода за да се излади. Во состојба на голем шок Дјатлов испратил двајца работници рачно да го спуштат вратилото. Подоцна признал дека таа одлука била апсурдна. „Доколку вратилото не влезе во зоната кога спојницата нема напојување, нема да влезе ни ако се заврти рачно“, објасни тој.

Според други известувања поврзани со оваа трагична ноќ, Дјатлов постапувал нервозно, постојано им викал на помладите работници и не сакал да верува дека реакторот експлодирал. Во голема мера тоа е прикажано и во серијата на Ејџ-Би-Оу.

Затворот и болеста

Потоа следува средбата со директорот на нуклеарната електрана Виктор Брјуханов, потврдата дека реакторот навистина експлодирал и првите симптоми на радијациската болест на Дјатлов (постојано повраќање), по што бил евакуиран во московската болница. Таа кобна ноќ тој бил изложен на радиоактивно зрачење од 390 рем (Roentgen Equivalent Man). Потоа, кога раните од радијацијата на нозете му зараснале, морал повторно да учи да оди.

Заедно со другите кои беа одговорни за трагедијата (Брјуханов и главниот инженер на нуклеарката Николај Фомин), Дјатлов е осуден на 10 години робија и покрај болеста. Според него, тој го има проучено секој потег што го направил таа вечер и бил целосно уверен дека само делумно носи одговорност за трагедијата.

„Реакторот не исполнуваше над 30 стандардни услови за конструкција од ваков вид, што е повеќе од доволно за експлозија. Тоа може да се објасни и поинаку: пред да биде отстранета заштитата реакторот дошол до состојба слична на нуклеарна бомба, а немало сигнал за тревога. Како работниците можеле да знаат? Според мирисот? Или според допирот?“, пишува тој во својата книга. „Пред разгледувањето на вината на персоналот само размислете за ова: реакторот го крена во воздух својот сопствен безбедносен систем“.

И покрај болеста и инвалидитетот, Дјатлов ја издржуваше затворската казна најпрво во Киев, а потоа во Полтавската област во Украина. По четири години поминати во затвор и по честите официјални писма кои ги испраќаа многумина, меѓу другите и рускиот нуклеарен физичар Андреј Сахаров и сопругата на Дјатлов, Анатолиј во 1990 година е ослободен поради лошата здравствена состојба. Се лекуваше во Германија, многу страдаше и почина во 1995 година од срцева инсуфициенција предизвикана од радијација.

Дјатлов до крајот на својот живот тврдеше дека за трагедијата се виновни конструкторските недостатоци и тврдеше дека Советскиот Сојуз едноставно не може да ја прифати таа одговорност, па затоа ги обвинува луѓето кои биле принудени да работат со неисправна опрема. За да го докаже своето видување, тој во 1994 година даде интервју (видеоснимка од тоа интервју е достапна и на Јутјуб) и напиша книга.

Мислењата за личноста на Дјатлов се дијаметрално спротивни, и секој може да избира кон кое мислење ќе се приклони. Евидентно е, сепак, дека определена улога во трагедијата одиграле и дефектите во конструкцијата на нуклеарката, што подоцна беше и официјални признаено. А, тоа значи дека не станувало збор само за грешка на Дјатлов.

Извор: Russia Beyond