Семинар за млади Роми за образование и вработување – ММС
ММС

Објавено на: 06/19/19 7:30 AM

Семинар за млади Роми за образование и вработување

Инклузијата на Ромите, споделувањето на искуства и научените лекции од реформите во политиките за образование и вработување се дел од темите за кои денеска ќе се дебатира на регионалниот семинар „Млади Роми: од образование до вработување”, во организација на делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Настанот, кој ќе го отвори шефот на делегацијата, амбасадорот Самуел Жбогар, е организиран во рамки на регионалниот проект „Зголемени можности за образование на студенти Роми и млади Роми во Западен Балкан и Турција”, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Ромскиот едукативен фонд (РЕФ).

Организаторите информираат дека семинарот нуди можност да се утврдат основните предизвици за затворање на празнината во правичноста за децата Роми и да ја олесни транзицијата од образование до вработување. На семинарот ќе учествуваат над 50 владини претставници од министерствата за образование, промоција на човекови права и труд и социјални политики; претставници на граѓанските организации, претставници од Европската комисија, од меѓународни организации и студенти, како и претходни студенти – корисници на РЕФ.

МИА