Судскиот совет отвори постапка против поранешниот претседател на Кривичен Панчевски – ММС
ММС

Објавено на: 06/18/19 4:24 PM

Судскиот совет отвори постапка против поранешниот претседател на Кривичен Панчевски

Судксиот совет, по предлог на еден член од Советот, донел одлука да се отвори постапка за да се утврди дали има одговорност кај екс претседателот на Судот Владимир Панчевски, а во врска со злоупотребите на АКМИС – системот.

Според процедурата, Судскиот совет формирал комисија на известители која треба да собере докази и врз основа на тоа да достави Извештај дали имало несовесно и незаконско работење од страна на Панчевски.

Панчевски беше претседател на Кривичниот суд во период кога според Извештајот што го подготви независната комисија на Министерството за правда биле утврдени злоупотреби на АКМИС-от односно наместо електронски, предметите се делеле на судии на рака.

Освен во Кривичниот суд, оваа комисија утврди и злоупотреби на АКМИС – системот и во Врховниот суд но против претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.

Извештајот на оваа комисија покажа дека 860 предмети не биле внесени во АКМИС-системот и за нив не бил одреден судија.

Конкретни предмети од еден судија се давале да ги работи друг судија, а честите промени во годишниот распоред значеле и ограничување кој судија ќе биде вклучен во автоматската распределба. Судии биле вадени од АКМИС по разни основи, само со параф на претседателот на судот.

Вангеловски, заедно со поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, беа повикани на распит во Јавното обвинителство за рачната распределба на предмети во Кривичниот и Врховниот суд, но една ипол година подоцна скандалот со АКМИС-системот е во предистрага и двајцата уште немаат статус на осомничени, бидејќи Обвинителството уште не отворило истрага.

Новиот претседател на Судскиот совет денеска кажа дека Советот ја следи работата на сите судии и ако некој се огреши од Законот, ќе се покрене постапка.

Тој одговори и на критиките упатени од специјалната обвинителка Фатиме Фетаи која во интервју за 1ТВ побара смените да почнат токму од Вангеловски кој во  неколку извештаи е наведен како кочничар на правдата .

„Ние одлучуваме по конкретно барање, неопходно е да се поднесе писмено барање со образложание за конкретен судија. Секој може да поднесе барање за утврдување на одговрност на судија, барањето треба да биде образложено, во него мора да биде наведено име и презиме на судијата, во кој суд работи да се даде опис на повредата, да се даде правниот основ на повредата и по поднесеното барање Советот формира комисија којашто го цени барањето од аспект на навременост и дозволеност.  Такво барање може да поднесе и член на Судскиот совет, ако дојде по допрен глас и се соберат докази“, кажа денеска  Здравев.

И покрај многуте извештаи во кои судии со имиња и презимиња беа посочени како одговорни за состојбите во судството, досега ниту еден судија не понесе одговорност.