Здружението на компании од Индустриската зона Визбегово денеска организира протест. Стопанствениците се револтирани бидејќи предолго се реконструира мостот на Јадранска Магистрала.
Имено ваквиот зафат ја блокира целата зона, го отежнува целото движење и го уназадува комплетно работењето – реагираат од компаниите.
Ова е акутен проблем и се случува безмалку 90 дена. Би рекол дека ова е лудило, каде што фреквенцијата на возилата во зоната е попречена. Се изведуваат градежни работи, но не со брзина со која би требало да се изведуваат.
Тотално е нарушена продуктивноста на нашите компании, со тоа што сме попречени и не може нормално да се одвива транспортот. Има многу компании што вршат транспортни улуги, така што се работи за десетина пати дневно поминување по двата правца.
Ние имаме доволно вработени за да го блокираме целиот пат. Меѓутоа, ова е предупредувачки протест за да се преземат мерките – изјавија денеска претставниците на компаниите кои беа дел од протестот.
Од Град Скопје во врска со протестот се огласија преку соопштение во кое информираат дека рокот на изведба на оваа реконструкција согласно со договорот и проектната документација е два месеца, односно до 02.07.2019 година.
Санацијата на мостот се изведува во летните месеци поради очекуваната помала фреквенција на возила во градот, а поради природата на работите и градежните материјали што се употребуваат сообраќајот на оваа делница се одвива отежнато – велат градските власти.
Последната реконструкција на дилатационите фуги на мостот на реката Серава била направена во 2006 година – посочуваат од Град Скопје од каде тврдат дека ја почнале реконструкцијата за да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, односно да не настане поголемо оштетување на конструктивните елементи на мостовската конструкција, имајќи предвид дека дилатационите фуги на овој мост подолго време беа оштетени.
Мостот на реката Серава е на сообраќајница која е оптоварена со патен сообраќај и е врска со магистралниот пат кон Република Косово, односно е делница по која минуваат тешки товарни возила поради што мостот претрпува дополнително оптоварување – се додава во соопштението.