Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје денеска ќе ги презентира резултатите од истражувањето Студија за млади на Северна Македонија 2018/19.
Резултатите ќе ги презентираат Нита Старова, проектна координаторка на Студијата и член од истражувачкиот тим, како и Марија Топузовска Латковиќ, професорка на ИСППИ – Универзитет Скопје и координаторка на истражувачкиот тим, а поздраво обраќање ќе има директорката на Фондацијата, Ева Елерајт.
По презентацијата е предвидена панел дискусија на тема „Кои чекори треба да се преземат со цел да се подобри животот на младите во земјата?”. На панелот ќе учестуваат Петар Атанасов, заменик-министер за образование, Ивана Туфегџиќ, пратеничка во Собранието, Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт, Стефани Спировска, претседателка на Младински образовен форум.
За Студијата, вкупно 1.038 млади луѓе на возраст од 14 до 29 години испитаниците беа прашани за нивните ставови, дилеми и очекувања.
Ова е втора Студија за млади на Фондацијата Фридрих Еберт спроведена во Македонија, по првата во 2013 година. Студијата не само што дава комплетен увид во состојбата со младите во земјата, туку и нуди соодветни решенија за тоа како општеството во целина може да им помогне на младите.
Студијата за млади беше спроведена во 10 земји во југоисточна Европа, а резултатите од сите десет студии се анализирани компаративно во регионална студија.
МИА