Во најголемиот регион за производство на праски во Македонија, росоманскиот во полн ек е бербата на праски. Производителите не се задоволни од цената по која се откупува родот. Велат дека 15 денари е цена што не ги задоволува производните трошци.
Сите откупни пунктови во Росоман работат интензивно. Добро се плаќаат само праските кои имаат добар квалитет – велат од таму и нагласуваат дека производителите мора да сфатат дека на странскиот пазар може да се пласира само квалитетен производ.
Дел од овоштарите со кои разговаравме тврдат дека на социјалните мрежи се објавуваат лажни вести дека се исфрла родот. За „Канал 77“ во телефонски разговор еден производител, кој се гледа на видео снимка објавена на фејсбус страна, кажува дека праските што ги истурале во Црна Река биле со оштетување од град и не им ги откупувале.
„Набравме 100 сандаци. Ги однесовме на откупен пункт. Само 50 купија, а 50 ги вратија поради мало оштетување од град. Се купува само целосно здрава праска. Цената по која се купува е непозната“, тврди Бојан од Росоман.
Од локалната самоуправа се децидни дека проблем со откупот нема и сите откупни пунктови работат без проблем, но сепак, додаваат дека за да се купи родот, потребно е да ги исполнува и условите за квалитет.
Викендов во Росоман ќе се одржи и манифестацијата „Праскобер“, кога симболично се откинува првата праска.
Ангел Данов