Договор за зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит со Кина – ММС
ММС

Објавено на: 06/13/19 9:45 AM

Договор за зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит со Кина

Зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит со НР Кина, предвидува Договорот за соработка што го потпиша Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК) во Нингбо, во рамки на иницијативата 17+1.

-Зајакнување на трговијата и соработката меѓу македонските и кинеските компании е повеќегодишна заложба на Сојузот на стопански комори. Договорот кој го потпишавме во Нингбо за зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит, значи дека преку Сојузот, ќе се даде нова димензија на можностите за пристап и можност за извоз и за реализација на сигурни партнерства на македонските со компании од НР Кина. Договорот е гаранција на заложбите на НР Кина во рамки на иницијативата со земјите од ЦИЕ за зголемена реализација на извозот, а со тоа кон намалување на трговскиот дефицит, изјави претседателот на ССК, Даниела Арсовска.

Новина е, додава, и тоа што наскоро малите и средните претпријатија, кои имаат многу важна улога во економскиот и социјалниот развој на земјите во рамките на 17 + 1 соработката преку единствена веб платформа ќе можат да пристапат со својата база на податоци и да воспостават директни контакти за соработка со цел реализација на деловни партнерства. Арсовска посочи дека воспоставување на новата платформата за зајакнување на соработката помеѓу домашните компании со компаниите од НР Кина, ќе значи дополнителна можност за зголемување на трговијата и заедничките вложувања за нашите компании.

Во Нингбо е лоциран центарот за увоз во Кина за земјите од Централна и Источна Европа. Има и македонски павилјон каде 12 месеци во годината се промовираат македонски производи. Во центарот се изложени повеќе од 3.000 видови производи од над 300 компании од земјите од Централна и Источна Европа.

Арсовка која е во официјална посета на Кина, како дел од иницијативата 17+1 во која активно е вклучен и Сојузот, ќе има средби со официјални владини претставници од НР Кина, ќе учествува на форуми и ќе посети големи кинески корпорации.

-Посетата на Арсовска е продолжување на заложбите на Сојузот и активности за зголемување на можностите на приватниот сектор во рамки на иницијативата на НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, кон која неодамна се приклучи и Република Грција.

Претседателот на ССК е потписник на единствениот Договор на Балканот за економска соработка со Кина со што за македонските компании од 2015 година е отворен пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар.

Трговската размена на земјава со Кина лани достигна речиси 500 милиони евра, остварен е извоз од околу 56 милиони евра, а увоз од скоро 440 милиони евра. Во 2017 година, трговската размена била 448 милиони евра, со околу 55 милиони евра извоз и увоз од 392 милиона евра.

МИА