Потпишан договор за изработка на инфраструктурен проект за изградба на тунелите под Скопско кале – ММС
ММС

Објавено на: 06/12/19 2:19 PM

Потпишан договор за изработка на инфраструктурен проект за изградба на тунелите под Скопско кале

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, претседателот на Одборот на директори на компанијата „Мега инженеринг консалтинг АД” Ајкут Јилдирим и претставникот на Групата на понудувачи – Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии Скопје АД Борис Танески денеска го потпишаа договорот за изработка на основен и инфраструктурен проект за измена и дополнување на инфраструктура за сообраќајно решение кое со мост во центарот на градот, тунели под Скопското кале и кружен тек ќе ги поврзува булеварот „Свети Климент Охридски” со булеварите „Никола Карев” и „Македонско-косовска бригада”.

Како што соопшти Град Скопје, со инфраструктурниот проект се опфатени трите фази за изведба на сообраќајницата во фази.

Првата фаза опфаќа изградба на булевар „Свети Климент Охридски” од пред крстосницата со булеварот „Илинден” со изградба на мост и вијадукт до тунелот. Втората фаза е изградба на тунелот под Кале, а во третата фаза е булевар „Свети Климент Охридски” и крстосница со булевар „Никола Карев” и булевар „Македонско – косовска бригада”, со денивелиран кружен тек.

– Согласно со договорот, изработката на основниот и инфраструктурниот проект очекуваме да заврши до крајот на оваа година, со што се создаваат услови во текот на следната година, по завршувањето на постапка за избор на понудувач, да се почне и реализацијата на овој клучен сообраќаен проект. Со ова сообраќајно решение на граѓаните на Скопје ќе им биде овозможено од „Водњанска” до Чаир со автомобил да стигнат за помалку од пет минути. Со постојната сообраќајна инфраструктура за оваа релација мораа да потрошат во најдобар случај меѓу 15 и 20 минути движејќи се преку крстосницата кај „Мавровка” и Бит-пазар, каде според нашите податоци дневно поминуваат меѓу 70.000 и 80.000 возила, нагласил Шилегов.

Шилегов, како што се наведува, очекува за реализацијата на овој проект Град Скопје да добие и финансиска поддршка од централната власт со цел изградбата на мостот, тунелите и кружниот тек да завршат во најкраток можен рок.

– Со ваквите сообраќајни решенија ја зголемуваме мобилноста и го намалуваме сообраќајниот метеж, а со тоа и го скратуваме времето на движење на возилата и го намалуваме времето на стоење во место, што директно влијае на намалувањето на аерозагадувањето и зголемувањето на безбедноста во сообраќајот. Скопје заслужува вакви модерни сообраќајни решенија, а оваа градска администрација може и мора да им го обезбеди тоа на граѓаните, посочил Шилегов.