Ставен под контрола пожарот на пробиштипската депонија – ММС
ММС

Објавено на: 06/10/19 5:47 PM

Ставен под контрола пожарот на пробиштипската депонија

Пожарот на депонијата во Пробиштип од попладнево е ставен под контрола, информираше  Ненад Павиќевиќ, директор на ЈП „Никола Карев“. Но екипите на ЈП и на противпожарната единица се уште се на терен за да го контролираат пожарот.

-Сметам дека 80 проценти е изгаснат пожарот на депонијата. Во неговото гаснење учествуваа околу 20 луѓе од нашето претпријатие, потоа пожарникарите од Пробиштип и Свети Николе, а ни помогнаа и две пробиштипски фирми, рече Павиќевиќ.

Пожарот почнал од синоќа, а  годинава не е првпат да се запали депонијата и покрај тоа што постојано имаат контроли.

–Постојано доаѓаат наши контроли за да ја контролираат депонијата. Голема е 44.000 квадрати, дел од неа е заграден, но површината е преголема за да се загради целата, така што секој може да влезе и да предизвика ваков случај, вели Павиќевиќ.

Надлежните се сомневаат дека пожарот е предизвикан од луѓе што собираат најразличен отпад. Ваков пожар имаше и во февруари, но и за овој пожар ќе се бара полицијата да го истражи и да ги открие сторителите.

Ваквите пожари на депониите во земјава, кои според европските стандарди се на ниво на ѓубришта, се чести. Единствено решение е отворање на регионалните системи за управување со отпад и изградба на претоварни станици.

извор-МИА