Пожар го затвори граничниот премин со Бугарија кај Ново Село – ММС
ММС

Објавено на: 06/6/19 6:15 PM

Пожар го затвори граничниот премин со Бугарија кај Ново Село

Министерството за внатрешни работи  информира дека поради пожар што избувнал на бугарска страна, на самиот граничен премин, околу 16 часот (денеска 6.6.2019), затворен за сообраќај е граничниот премин Ново Село-Златарево.

На овој граничен премин не се пропуштаат патнички и товарни моторни возила. Бугарските медиуми јавуваат дека пожарот избувнал од електричната табла на административната зграда, поради што во прекин е и компјутерскиот систем. Најавуваат дека преминот нема да работи најмалку 24 часа.

Македонската Царинска управа соопшти дека според информациите  од бугарска страна, прекинот или забраната за товарен сообраќај ќе трае неколку дена, но поради сериозноста на настанот не се во можност да информираат поконкретно. По добивање официјален став од нивна страна, дополнително ќе информираме кога ќе биде пуштен патничкиот и товарниот сообраќај.

Им препорачуваме на сите граѓани кои патуваат кон Република Бугарија, да се пренасочуваат алтернативно на другите гранични премини се до оспособување за работа на граничниот премин Златарево – Република Бугарија, соопштуваат од Царинската управа.