Подмирување на долговите спрема вработените и кон работниците прогласени за технолошки вишок и конечна средба со премиерот Зоран Заев, побараа дел од работниците прогласени технолошки вишок од прилепската наменска компанија „Еурокомпозит“ по средбата со вицепремиерот Кочо Анѓушев поладнево во владата на Северна Република Македонија. Ова е ставот на 30-ината работници од „Еурокомпозит“ кои два дена протестираат пред Владата барајќи решавање на долгорочниот проблем со исплатата на отпремнините и на заостанатите плати и придонеси за работниците.
Според Пеце Велјаноски од Иницијативниот одбор на 154-ицата работници од фабриката прогласени за технолошки вишок, на состанокот со вицепремиерот Анѓушев е повторено дека потенцијалниот инвеститор вложува 1,5 милиона евра кои се за подмирување на долговите на фабриката, а останатите, околу 1,1 милиони евра е за сите други побарувања на вработените.
– Побарувањата на вработените се околу три милиони евра за заостанати плати, за отпремнините и за подмирување на пензиското осигурување за околу 6,5 години. Она што образложува вицепремиерот Кочо Анѓушев дека за подмирување на побарувањата се 1,1 милион евра од потенцијаниот инвеститор не се доволни. Бараме и очекувме средба со премиерот Зоран Заев, што значи остануваме пред Владата во очекување на средбата, ни изјави Велјаноски.
Триесетинта работници остануваат да протестираат пред Владата во очекување на средба со премиерот Зоран Заев.
МИА