Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО денеска е на дневен ред во германскиот Бундестаг, откако вчера го ратификуваше Норвешка, како 15-та земја досега со што половина од членките на Алијансата дадоа зелено светло за официјализирање на приемот на земјата во најголемиот воено-политички сојуз.
По дебатата за влезот на земјава во НАТО, германските пратеници ќе пристапат кон гласање.
Владата на Германија во образложението на Протоколот од 6 февруари 2019 година изразува убеденост дека приклучувањето на Република Северна Македонија кон НАТО ќе значи придонес кон безбедноста и стабилноста во евроатлантскиот простор.
Протоколот вчера го ратификуваше Парламентот на Норвешка, а норвешкиот министер за надворешни работи Ериксен Сореиде оваа информација ја сподели на Твитер налогот на новешкото МНР.
-Важен чекор за безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко. Во очекување да ја видиме Северна Македонија како сосед на Норвешка на масата на Северноатлантскиот совет, напиша тој на Твитер.
Норвешка е 15-та од 29 земји членки на НАТО кои го ратификуваа Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата. Амбасадорите на 29. земји-членки на 6 февруари во седиштето на НАТО го потпишаа Протоколот за членство, а прва го ратификуваше Грција. Очекувањата се во јуни Протоколот да влезе во процедура и во САД. Ратификацискиот процес, заеднички оценуваат надлежните, може да заврши и пред Самитот на Алијансата закажан во декември во Лондон.
Меѓу земјите што треба да го ратификуваат е и Турција, а во јавноста се појавија сомнежи дека оваа земја може да калкулира со Протоколот поради присуството на ФЕТО во државава. Неодамнешната посета на министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, го отвори повторно прашањето на функцонирањето на ФЕТО во земјава, која Турција ја смета за терористичка организација. Тогаш Акар предупреди дека структурите на ФЕТО, што функциуонираат во земјава им штетат на билатералните односи. Тој изрази верба во институициите на земјата и надеж дека ќе преземат мерки за ослободување од овие, како што рече терористички структури.
А премиерот Зоран Заев, за време на посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој оваа недела беше во земјава, придружуван од највисокото тело за носење политички одлуки во Алијансата – Северноатлантскиот совет, истакна дека Турција е еден од нашите најголеми пријатели, а нивните очекувања се кога ќе завршат сите политички изборни процеси да ја отпочнат процедурата за ратификација.
Тој на заедничката прес-конференција со Столтенберг се повика и на изјавата на потпретседателот на турската Влада дека тие продолжуваат со поддршка на нашата земја и во најкус можен рок ќе го ратификуваат овој протокол.
-Нашите министерства за внатрешни работи, за правда, соработуваат и за другите отворени прашања, таа соработка продолжува согласно сите меѓународни стандарди, кажа Заев уште еднаш истакнувајќи дека Турција е еден од нашите најголеми пријатели, изразувајќи уверување оти тоа ќе го докаже и овој пат.
Првиот човек на НАТО посочи дека Протоколот се ратификува со забрзано темпо, а Северна Македонија веќе е дел од трансатлантското семејство. Додаде дека членството треба само да се формализира по ратификацијата на овој документ од страна на земјите-членки, по што земјата и официјално ќе може да учествува во процесот на донесувањето на одлуките.