Палмер: Ако ЕУ не одреди датум за преговори во јуни, ќе има во јули или октомври – ММС
ММС

Објавено на: 06/6/19 7:45 AM

Палмер: Ако ЕУ не одреди датум за преговори во јуни, ќе има во јули или октомври

Доколку Европската Унија не донесе датум за пристапни преговори во јуни, тоа ќе се случи во јули или октомври, изјави во интервју за Гласот на Америка Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија.

-Знам дека има одредени проблеми поврзани со времето на носење одлука во Бундестагот. Не знам дали фокусот ќе биде да се донесе одлука во јуни или потенцијално во јули, зависно од внатрешните процедури на Бундестагот. Сепак, САД се надеваат и го поддржуваат Европскиот совет да ги отвори пристапните преговори, рече Палмер.

Тој вели дека имплементацијата на Договорот од Преспа е најголемо дипломатско остварување за Западен Балакн по Дејтон, и ќе зависи директно од зачленувањето во ЕУ, пренесува МИА.

-Веруваме дека Владата на Севрна Македонија е посветена да го продолжи напредокот во исполнување на реформите. Кога и ако Европскиот совет се согласи да ги почне преговорите, убедени сме дека дури и тогаш Скопје ќе ги продолжи овие напори, бидејќи самиот пристапен процес ќе обезбеди можност за натамошни реформи, смета Палмер.

Сепак, и покрај значајниот прогрес, тој потенцира дека државата има уште многу работа во спроведување на реформите.

-Главен предизвик не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион е владеење на правото. Владеење на правото е мајка на сите реформи, во контекст на европска интеграција и создавање клима за мир, просперитет и стабилност, вели Палмер.

Според него, членството во НАТО нема целосно да го намали руското влијание во регионот, но ќе ја зацврсти отпорноста на државите кон руската агресија.

-Мислам дека веќе долг период Русите покажуваат посветеност во агресивната кампања со дезинформации низ регионот. Се уште има многу агресивни напори и во Црна Гора, иако е НАТО членка, оценува Палмер.

Очекува Сенатот на САД да го ратификува пристапниот Протокол за влез во НАТО во најбрзо можно време.

-Ги охрабрувам луѓето да ја земат предвид големата слика, а тоа е дека процесот за НАТО се движи напред, и тоа многу побрзо од очекуваното, а доколку ЕУ не донесе датум за преговори во јуни, тоа ќе се случи во јули или октомври. Јас цврсто ги охрабрувам политичарите и граѓаните на Северна Македонија, да останат обединети во овој процес, да останат посветени, и да имаат верба дека сите ние сме посветени на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, изјави Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија.

МИА