Кина: Триесет години од крвавото задушување на протестот на Тјенанмен – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/19 10:41 AM

Кина: Триесет години од крвавото задушување на протестот на Тјенанмен

Расправата за масакрот на плоштадот Тјенанмен и комеморации за жртвите и понатаму се забранети, кинеските власти ги оправдуваат постапките на кинеската војска, а Тајван го повикува Пекинг да ги призне своите грешки.

„Кина мора искрено да се покае за инцидентот од 4 јуни 1989 година и активно да се заложи за демократски реформи. Искрено ги советуваме кинеските власти да се соочат со историските грешки и да се извинат што побрзо“, стои во соопштението на тајваскиот Совет за односи со континентална Кина, кое сигурно ќе го налути Пекинг.

На денешен ден пред три децении во 8.30 часот наутро над пекиншкиот плоштад Тјенанмен, каде што со недели протестираа студенти барајќи воведување демократија, слобода на говорот и на печатот и стопански реформи, се појавија хеликоптери на кинеската војска. Преку разглас предупредуваа дека војската ќе ги преземе сите мерки протестот да се растури, а неколку часа подоцна на плоштадот пристигнаа тенкови и оклопни транспортери. Студентите почнаа по нив да фррлаат камења и молотови коктели, по што војската почна да пука. Се проценува дека загинаа помеѓу неколку стотици и неколку илјади цивили.

– Тој инцидент беше политичка турбуленција, а мерките на владата беа политички исправни – изјави министерот за одбрана на Кина.