По повод вчерашната прослава за победата на ракометниот клуб „Вардар” до Хелсиншкиот комитет за човекови права пристигнале голем број пријави за регистриран говор на омраза од страна на навивачките групи на градскиот плоштад и на социјалните медиуми. Говор на омраза е забележан и во другите градови во државата. Сите пријави, како што соопштуваат од Комитетот, се уредно регистрирани, по што ќе следи соодветна реакција до надлежните институции.
Најголем број од пристигнатите пријави се однесуваат на говор на омраза врз етничка припадност. Така на пример, на градскиот плоштад беше скандирано ‘Нека разберат клетите шиптари. Чиста Македонија. Гасна комора‘ и друг навредлив и дискриминаторски говор. Со ова се предизвика раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, опишано во член 319 од Кривичниот законик – се вели во соопштението од Хелсиншки комитет.
Во соопштението се додава дека Хелсиншкиот комитет најстрого го осудува поттикнувањето на насилство и предизвикувањето на меѓуетничка омраза и ги охрабрува сите граѓани кои во текот на вчерашниот ден биле сведоци и/или жртви на говор и/или дела од омраза да го пријават својот случај во Хелсиншкиот комитет и на www.govornaomraza.mk.
Комитетот апелира до Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство да ги истражат овие случаи и да ги преземат сите мерки согласно позитивните законски прописи.