Со ново одделение во Пазарниот инспекторат до поголема заштита во туристичката и угостителската дејност – ММС
ММС

Објавено на: 05/31/19 12:48 PM

Со ново одделение во Пазарниот инспекторат до поголема заштита во туристичката и угостителската дејност

Со формирање ново одделение во Државниот пазарен инспекторат да се засилат контролите во туристичката и во угостителската дејност, за поголема заштита на домашните, но и на странските туристи. Ова го предвидуваат новите законски измени од областа на туризмот и угостителството. Министерот за економија, Крешник Бектеши вели првичната идеја била да се формира туристички инспекторат, но се одлучиле за поинакво решение по препораката на Европската комисија да се намали бројот на инспекторати.

„Ние ќе направиме одделение во Државниот пазарен инспекторат, каде ќе има обуки и тренинзи на нови инспектори кои ќе бидат поготвени за контроли во оваа дејност, така ќе се контролираат и туристичките агенции и хотелиерите. Ќе се предвиди во новиот Закон, лиценците да се објавуваат на секои 3 или 4 години“, појасни Бектеши.

Обучените инспектори ќе ги „чешлаат“ и веб страниците преку кои граѓаните прават резервации. Во моментот, во земјава нема инспектори кои ги контролираат услугите што се нудат на интернет:

„Тоа е и целта – новообучените инспекори ќе ги проверуваат и сајтовите. Со овие законски решенија инспекторите не можат да влезат во објекти или згради кои се наведени како приватни, а се издаваат преку booking или други веб страници“.

Законското решение кое се’  уште е во нацрт верзија, предвидува осигурителна полиса и банкарска гаранција, како механизми со кои граѓаните, односно туристичките агенции ќе бидат обештетувани.

„Предвидено е да има осигурителна полиса и банкарска гаранција за туристички аранжмани. Ќе се воведе осигурителна полиса за да бидат граѓаните посигурни кога купуваат аранжмани во странство, но и за странските туристи кои доаѓаат во нашата земја. Полисата може да се активира побргу од банкарската гаранција, бидејќи осигурителната компанија може веднаш да излезе во пресрет.  Ние имаме предлог колку биле приходите од претходната година, толку да биде и гаранцијата зависно од бројот на аранжмани. Полисата е многу важна бидејќи веднаш може да се активира ако граѓаните имаат проблем при нивното одмарање. Тие што не ја добиле услугата ќе бидат обештетени“, појасни министерот.

Коморите и организациите од областа на туристичката дејност и угостителството имаат рок од 7 дена да дадат свои забелешки, по што измените ќе бидат објавени на ЕНЕР, а дури потоа ќе се најде на дневен ред на една од владините седници.

Законските измени во овие дејности беа најавени во март,  по информациите за лажни туристички аранжмани и бројните поплаки на граѓаните измамени од туристичките агенции. Податоците на Државниот пазарен инспекторат говорат дека инспекторите лани извршила 421 контрола,. Во 90 проценти од случаите, тие постапувале по претставки од граѓани.