Јавна дебата за содржината на предлог текстот и потенцијални насоки за подобрување на Законот за младинско учество и младински политики за да одговара на потребите на младите во државата ќе се одржи денеска на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип.
Како што соопштуваат од МладиМК, настанот е дел од серијата јавни дебати кои ќе се одржат во сите плански региони во земјата каде младите ќе можат да ги споделат своите идеи и потреби со работната група за изработка на овој Закон.
На консултативниот настан ќе се обратат Ивана Туфегџиќ (Собрание на Република Северна Македонија), Ана Манасиева (Агенција за млади и спорт) и Зоран Илиески (Коалиција на младински организации СЕГА). На овој консултативен настан се поканети сите заинтересирани млади луѓе кои сакаат да дознаат што значи Закон за младинско учество и младински политики и да го кажат својот став за што ваков документ треба да содржи.
Дебатите и иницијативата за Законот за младинско учество и младински политики се организирани од работна група која ја сочинуваат претставници од: Пратеничкиот клуб за младински прашања и политики при Собранието на Република Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Северна Македонија, како и претставници на младинските организации Национален младински совет на Македонија, Коалиција на младински организации СЕГА и подмладоците на БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.
Сите одржани средби на работната група, како и текот на целокупниот процес, се поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Мисијата како партнер во овој процес има голема улога во непречено одвивање на активностите кои произлегуваат од овој процес и нивно успешно финализирање, се наведува во соопштението од МладиМК.
МИА