Центар за граѓански комуникации: 66% од компаниите пријавуваат дека имаат проблем со корупцијата – ММС
ММС

Објавено на: 05/29/19 2:04 PM

Центар за граѓански комуникации: 66% од компаниите пријавуваат дека имаат проблем со корупцијата

Преку будење на свеста, заедничко делување и поставување на механизам за интегритет, бизнис секторот ќе се бори против корупцијата.

66% од компаниите пријавуваат дека имаат проблем со корупцијата. Тенденцијата на глобално ниво покажува дека на една од пет компании и било побарано поткуп, што претставува значителен притисок врз бизнис заедницата. Со цврсто поставен интегритет, взаемно делување и механизми за зајакнување на капацитетите на компаниите Центарот за граѓански комуникации смета дека ќе се превенира корупцијата.

„Податоците покажуваат дека некогаш самите компании и самите нудат без тоа да им биде побарано што значи за нас е сигнал дека доколку ја зајакнеме свесноста и интегритетот на самите компании може да превенираме на дел од тоа што се случува. Тие треба интерно да превенираат да си постават механизми за интегритет внатре во своите компании, исто така креираме алатки кои може да им помогнат во тој процес, сетоа тоа се базира на меѓусебно учење, од компании на компании“, изјави Никица Кусиникова, извршен директор на Центарот за граѓански комуникации.

Прашањето за интегритетот, министерката за правда Рената Дескоска смета дека треба да биде поставено на двете страни во државна администрација и бизнис секторот.

„За зајакнување на интегритетот внатре кои ние го поставивме со Законот за антикорупција ќе се применат не само во државна јавна администрација, туку ќе се применуваат и во бизнис секторот. И ставивме надлежности на Државната комисија за спречување на корупција која што треба да води сметка за спроведувањето на тие правила. Го воведовме во законот поимот на интегритет, го воведовме поимот ризик од корупција и воведовме надлежности на државната комисија. Ставивме одредби кои ќе значат спречување на  комулирање на одредени функции, кај државни функционери со одредени улоги во приватни фирми“, изјави Дескоска.

Според индексот на перцепција на корупција за 2018 година објавен од Транспаренси Интернешанел од 180 земји, Македонија е рангирана на 93 место, ова денеска беше истакнато на конференцијата за интегритет и антикорупција во бизнис секторот.