Комисијата предложи да му се одземе мандатот на Груевски – ММС
ММС

Објавено на: 05/29/19 11:19 AM

Комисијата предложи да му се одземе мандатот на Груевски

Собраниската Комисија за мандатно имунитетни прашања со пет гласови „за“, ниту еден против и ниту еден воздржан утврди предлог за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, кој побегна и доби политички азил во Унгарија.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснија за предлогот, ниту гласаа за дневниот ред на седницата.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска повикувајќи се на членот 8 од Уставот и Декларацијата за човекови права рече дека не може кој било да биде неоправдано отсутен ако го искористил своето право да бара азил.

-Деловникот дозволува секој пратеник да пријавува отсуство, но како што рече Стаменковска, тоа не било дозволено од владејачкото мнозинство. Груевски, според неа бил спречен од целата пратеничка група на СДСМ да го пријавува своето отсуство.

Потпретседателката на Комисијата Снежана Калевска-Ванчева рече очигледно е дека има различно толкување на Уставот и Деловникот и дека за одземање мандатот е потребно двотретинско мнозинство.
– Не знам како не му било дозволено да пријавува отсуство. Никој не го натера да бара азил. Дали азилот ќе биде третиран како оправдано отсуство или не е на сопстената совест. Очигледни се фактите за неоправдано отсуство, рече таа.
Собранието на наредната седница треба да гласа со двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на Груевски.
На седницата не се гласаше за предлогот на Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ за утврдување на повреди на Етичкиот кодекс од страна на пратеникот Павле Богоевски. Тој на минатата седница најави оставка на пратеничкиот мандат по компромитирачки разговор објавен во јавноста.

МИА