Во Охридскиот регион времена забрана за градење, легализација и носење планови – ММС
ММС

Објавено на: 05/28/19 4:24 PM

Во Охридскиот регион времена забрана за градење, легализација и носење планови

Во Охридскиот регион времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење, за вклопување на бесправно изградени објекти,  за изработка и донесување на урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации,  како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации.

Владата денеска на седница утврди Предлог-закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, во кој се имплементирани обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура.

– Се создаваат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион, како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој, соопшти владината служба за информирање.

Најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегување  во сила на законот треба да се донесе план за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион.

– До донесување на планот времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување на бесправно изградени објекти и времено се прекинуваат постапките за изработување и донесување на урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации. Овие активности ќе продолжат по донесувањето на Планот за управување со природното и културното наследство,  се вели во соопштението.

Од Владата истакнуваат дека посветено работеле на донесување на овој закон. На седницата  било нагласено уверувањето дека со новиот состав на Советот за следење и координација на управувањето со природното и културно наследство во Охридскиот регион ќе се зголемат капацитетите за ефективно управување со природното и културното наследство во овој регион.