Преку изработка на Законот за платежни системи и платежни услуги кој е во подготовка се предвидува воведување на платежна сметка со основни функции, која може да ја отвори секој граѓанин.
Со законот ќе се воведат и решенија што ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги, рече министерот за финансии Драган Тевдовски на денешниот настан „Денови на финансиска писменост“, и посочи дека Министерството презема и мерки за заштита на правата на потрошувачите преку совети за безбедно користење на финансиските услуги.
„Втората област која ни е важна е финансиската инклузија, идејата е сите граѓани да имаат пристап до финансиските услуги. Ние заедно со Народната Банка во мментот подготвуваме нов закон за платежни услуги, за платежни системи чија што цел е да се доближи до регулативата до европските директиви и што е важно секој граѓанин да може да добие трансакциска сметка со основни функции, исто така идејата на законот е направи либерализација со што на пазарот ќе се намалат, практично граѓаните ќе добијат помали трошоци при добивање на услугите “, вели Тевдовски.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка презема низа активности за проширување на знаењето на помладите генерации, но и на повозрасното население.
„Првиот сегмент е организирање на едукативни работилници кои ќе бидат посветени на подобро запознавање на јавноста, односно на сите оние кои се заинтересирани со дел од клучните функции на Централната банка, како што се платежните услуги, стабилноста на финансискиот систем, банкарскиот систем но и спроведувањето на монетарната политика. И вториот сегмент е отворен инфо пулт во просториите на Народната банка каде што сите заинтересирани граѓани може да се обратат доколку имаат било какви прашања во делот на централно банкарското работење“, изјави Ангеловска Бежоска.
Информативни пултови по повод на Деновите на финансиска писменост ќе има и во експозитурите и филијалите во дел од банките во земјава.