Започнуваат првите консултации со млади за да се чујат нивните ставови за предлог текстот за Законот за младинско учество и младински политики. На јавните дебати ќе се дискутира содржината на предлог текстот, како и потенцијални насоки за подобрување на Законот за да одговара на потребите на младите во Северна Македонија, соопштија од Агенцијата за млади и спорт.
Дебата денеска ќе биде одржана во „Јавна соба“ во Скопје, утре во Струмица во хотел „Глигоров“, а задутре во Штип во Универзитетот „Гоце Делчев“.
Дебатите и иницијативата за Законот за младинско учество и младински политики се организирани од работна група која ја сочинуваат претставници од Пратеничкиот клуб за младински прашања и политики при Собранието, Агенцијата за млади и спорт и Владата, како и претставници на младинските организации Национален младински совет на Македонија, Коалиција на младински организации СЕГА и подмладоците на БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.
– На овие консултативни настани се поканети сите заинтересирани млади луѓе кои сакаат да дознаат што значи Закон за младинско учество и младински политики и да го кажат својот став за што ваков документ треба да содржи. На дебатите ќе се обратат пратеници, претставници на институции и претставници на младински организации кои ќе споделат повеќе информации околу процесот на изработка на предлог текстот, неговата содржина и начините на кои младите луѓе можат да го кажат својот став. На настаните ќе следи дискусија на која сите присутни млади ќе можат да ги споделат своите ставови и идеи за содржината на Законот, велат Агенцијата.
МИА