Крушево за прв пат доби 13 лиценцирани луѓе за спасување при одржувањето на натпреварите во параглајдерство и во змејарство. Викендот, на 25 и на 26 мај во Крушево, во организација на Црвениот крст, се одржа обуката за напредна прва помош. Со обуката се исполни една од целите на проектот, а тоа е градење на капацитетите на спасувачката служба на параглајдинг натпреварите, информираат од локалната самоуправа.
Оваа обука е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, пот-проект „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево”, финансиран од ЕУ, администриран од Светска Банка, а имплементиран од Владата.
Досега биле обучени четворица, а сега уште 13 луѓе со што Крушево оформува спасувачка служба. Вчера почна првиот пролетен параглајдинг куп „Крушево 2019″. Наредните шест дена од полетувалиштето на Мечкин камен 100-ина учесници од Балканот и од Европа полетуваат и ќе се натпреваруваат во рамките на Купот.