Некогашниот голем и таен подземен аеродром кај Бихаќ ќе станува туристичка атракција – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/19 12:22 PM

Некогашниот голем и таен подземен аеродром кај Бихаќ ќе станува туристичка атракција

Воениот аеродром „Жељава“ беше еден од најмоќните и најсовремени подземни аеродроми во светот, а се наоѓа во граничниот појас меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска, кај Бихаќ. Граден е во тајност, а последниот авион на него слетал во 1992 година. Оттогаш пропаѓа.

Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина деновиве одлучи делот на аеродромот што е на територијата на БиХ да му го даде на користење на Градот Бихаќ, пишува сараевски „Дневни аваз“.

– Аеродромот има голем туристички потенцијал. Нам ни’ припаѓа една писта и една дупка за влегување во подземниот комплекс. Ќе се обидеме тоа да го искористиме за аматерско воздухопловство и за туризам. Ќе треба се’ да се исчисти и преуреди. Ќе направиме план. Но, веднаш еден дел може да се стави во функција на туризмот – уверен е градоначалникот на Бихаќ, Шукрет Фазлиќ.

Тој додава дека еден сличен воен објект во БиХ – атомската скривница на Врховниот воен штаб на СФРЈ кај Коњиц, се’ повеќе е атрактивен за туристи.

Изградбата на „Жељава“ почнала во 1957, во времето на Студената војна, траела 11 години, а чинела помеѓу пет и 11 милијарди долари. Аеродромот е користен од 1968 до 1992 година, кога, откако почна војната на екс-југословенските простори, го уништи ЈНА.

Бил опремен за евентуален нуклеарен напад и во него имало се’. Бувално – мал подземен град во кој постоеле сите услови за живот за период од најмалку два месеца. Имал пет писти, радарска станица, три ескадрили, подземни гаражи за 58 авиони, работилница, клима-комора, извор на вода, кујна, ресторани, па дури, според некои, и мртовечница. Жаргонски го викале – дупка.

Јапонската компанија „Мазда“ пред неколку години го одбрала токму овој подземен аеродром за снимање реклами.