На одбележувањето на „Денот на младота – ден на радоста“ и на роденденот на Јосип Броз Тито, што по петнаесетти пат се одржа во неговиот роден Кумровец, Хрватско Загорје, вчера се собраа рекордни 15.000 луѓе, а во претходните години биле по околу 10.000, пишуваат хрватските медиуми, кои од собирот во Кумровец објавуваат и многу фотографии.
Ги имаше од сите краишта на Хрватска, но и од некогашните југословенски републики, а најмногу од Словенија и од Босна и Херцеговина. Како и во претходните години, на собирот беше забрането носење на знамето на Југославија и на ознаки на ЈНА, а сите останати симболи од времето на СФРЈ, вклучувајќи ја и хрватската тробојка со петокрака, слободно можеа да се истакнуваат. Сепак, имаше посетители што го носеа и знамето на СФРЈ, а полицијата мирно ги набљудуваше, пишува загрепски „Јутарњи лист“.
Организаторите од хрватското здружение „Јосип Броз Тито“ посебно го поздравија присуството на некогашниот хрватски претседател Стипе Месиќ.
Вчера 25 мај, Титовиот роденден и некогашниот Ден на младоста, беше одбележан и на повеќе други места низ некогашна СФРЈ, како и на гробот на некогашниот југословенски претседател во „Куќата на цвеќето“ во Белград, која од смртта на Тито во 1980 година, досега ја посетиле околу 17 милиони луѓе.