Иницијативата Охрид СОС излезе со уште едно алармантно предупредување за трупање на отпад и шут кај Струга.
-На потегот од Струга кон Калишта освен што гореше трската, долго време се трупаат и планини шут на границите на Калишко Блато, веднаш до локалниот пат. Со години надлежните не мрдаат со прст. Еве материјал за Влада на Република Северна Македонија, особено за Sadulla Duraku, да ја поведе еко-инквизицијата од Министерство за животна средина и просторно планирање, државни и локални инспекторати од Komuna e Strugës / Општина Струга / Municipality of Struga и да се појават на терен со конкретен план и итна и неодложна акција.
Наместо Рамсар подрачје, оваа локација е претворена во депонија. Ако институциите се искрени во намерата дека нема да дозволат природното и културно наследство на охридскиот регион (каде влегува и струшкото крајбрежје) да го загуби UNESCO статусот и дека ќе поведат битка со урбаната мафија, еве им шанса уште веднаш да се активираат и да го рехабилитираат овој некогаш зелен појас, дополнително казнувајќи ги и сторителите на овој ужас (до кои лесно ќе се дојде само ако се посака) но и оние кои одобриле.
Наредната недела Delegation of the European Union, Skopje ќе ја посети Струга, промовирајќи кампања за промена на ставовите и навиките во однос на третманот на ѓубрето. Еве им можност да ја видат состојбата на терен, како жителите на општината, правните лица, па и локалната самоуправа, се однесуваат со животната средина и каде сè одлагаат отпад, соопштуваат од Охрид СОС.