Работниците од Еурокомпозит повторно на протест: Се’ уште чекаат на отпремнините – ММС
ММС

Објавено на: 05/22/19 4:15 PM

Работниците од Еурокомпозит повторно на протест: Се’ уште чекаат на отпремнините

Работниците прогласени за технолошки вишок кои се’ уште чекаат да им бидат исплатени отпремнините од прилепската компанија „Еурокомпозит” денеска повторно протестираа. Од центарот на Прилеп тие побараа одговор за состојбите во фирмата. Прашуваат кога ќе им се исплатат отпремнините, зашто се поминати скоро две години откако почнаа нивните преговори со Владата.

Работниците истакнаа дека нема никакво навестување за решавање на проблемите иако се најавуваа инвеститори и продажба на наменската фабрика. Бараат и Антикорупциската комисија да преземе мерки по допрени сознанија.

Борко Томески од Иницијативниот одбор вели имало некаков договор за испорака на индустриски шлемови во Гана, но нема детали.

-Директорот на фирмата Златко Граороски најави дека има склучено договор за изработка на индустриски шлемови за Гана. А таму требало да се платат некои даноци за парите да легнат на сметката на „Еурокомпозит” за да се исплати отпремнината за работниците прогласени технолошки вишок. Но, во ништо не веруваме зашто имаше премногу ветувања досега – вели Томески.

Работниците прогласени технолошки вишок велат дека и по точно две години од првата средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев, а досега имало 15-тина средби, ништо не се променило. Со Законот за технолошки вишок, нивната состојба не е решена и сметаат дека вистински се отпишани.

За технолошки вишок се прогласени 153 работници, а секој од нив во просек очекува отпремнина од околу 100 000 денари. На работа во фабриката се шеесетина работници.