Ако може да им се верува на шпанските медиуми, играчот за врска на Тотенхем и данската репрезентација Кристијан Ериксен од летово ќе стане нов играч на „Кралскиот клуб“.
Добро известениот шпански весник „Ел Чирингито“ пренесува дека Ериксен по завршувањето на финалето од Лигата на шампионите ќе се упати на „Сантијаго Бернабеу“ да потпише договор со Реал.
Мадриѓаните имаат сезона за заборав во која завршуваат како третопласирани со 19 бода помалку од Барселона. Сето тоа го зачинија со раното испаѓање од Лигата на шампионите веќе во осминафиналето против Ајакс.
Летоска екипата ја напушти првата ѕвезда Кристијано Роналдо, што очигледно и тоа како се почувствува на играта на тимот оваа сезона. Поради тоа Перез ова лето ќе мора да вложи пари во екипата.
Веќе се зборува дека е договорен Еден Азар, а долго време и Ериксен се споменуваше како опција.
Данецот сезонава одигра 50 натпревари во сите натпреварувања и постигна 10 гола, со 17 асистенции. Неговиот договор со „Спарси“ истекува на 30. јуни 2020. година, а неговата вредност е околу 85 милиони евра.
Извор: sportclub.mk