МЗД го поздрави усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација – ММС
ММС

Објавено на: 05/17/19 9:02 AM

МЗД го поздрави усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација и со проширувањето на основите на дискриминација од една страна се нуди подобра заштита на основните човекови права за сите граѓани, особено за оние кои се наоѓаат на маргините на општетството, а од друга страна се покажа политичка волја за исполнување на обврските на државата пред меѓународните тела за човекови права, кои веќе дадоа позитивно мислење и препораки за донесување на овој закон, оценуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Изразуваат очекување оти навремено ќе биде усогласена останатата законска регулатива со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

– Овој Закон, нуди услови за избор на независна и професионална Комисијата за заштита од дискриминација, бидејќи членовите на Комисијата покрај искуство со работа во областа на човековите права, треба да имаат искуство и со работа во областа на нееднаквост и недискриминација, како и да не се носители на функции во политички партии. Поради ова сметаме дека треба што побрзо да се пристапи кон формирање на нова независна, ефикасна и професионална Комисија, која ќе ја препознава дискриминацијата за сите граѓани подеднакво, наведуваат од МЗД.

Посочија дека како граѓански организации будно ќе го следат спроведувањето на усвоениот Закон за спречување и заштита од дискриминација.

– Очекуваме и исполнување на препораката на Европската комисија за усогласување на останатата законска регулатива со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, потенцираа од Мрежата за заштита од дискриминација.