ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Богоевски, ЛДП ќе иницира Закон за целосна легализација на марихуаната – ММС
ММС

Објавено на: 05/16/19 12:44 PM

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Богоевски, ЛДП ќе иницира Закон за целосна легализација на марихуаната

Откако пратеникот Павле Богоевски призна дека телефонски нарачувал масло од канабис, пратеничката Дафина Стојаноска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара тој да си поднесе оставка.

Телефонскиот разговор во кој Богоевски нарачува, како што вели и самиот, супстанца чиј промет е забранет, е снимен од таксист без негово знаење.  Иако пратеникот истакна дека го нарачал маслото за медицински цели, според пратеничката Стојаноска тој не заслужува да биде дел од законодавниот дом.

„Павле Богоевски веќе нема кредибилитет да ги претставува граѓаните. Постојат сериозни сомненија дека конзумира наркотици. Богоевски со своето однесување сериозно го нарушува кредибилитетот на Собранието. Тој призна дека извршил кривично дело, купувајќи недозолени супстанци“, изјави Стојаноска денеска пред Собранието, каде симболчино остави метла, порачувајќи дека истата треба да му служи на Заев за да го измете Богоевски.

Во меѓувреме, од пратеничката група на ЛДП најавија дека ќе иницираат закон за  легализација на марихуаната за општа употреба, а не само за медицинска.  Пратеничката Јулијана Николова информираше дека ова законско решение ќе го иницираат со цел сите во општеството да имаат еднаков пристап. Таа не сакаше да го коментира случајот со нејзиниот колега Богоевски и рече дека не е докажано дали е автентична аудио снимката која протече во јавнопста, иако самиот  Богоевски потврди дека гласот кој се слуша во таа аудио снимка е неговиот.