ВМРО – ДПМНЕ поднесува кривична пријава против сите членови на Избирачкиот одбор во Зајас – ММС
ММС

Објавено на: 04/30/19 4:22 PM

ВМРО – ДПМНЕ поднесува кривична пријава против сите членови на Избирачкиот одбор во Зајас

ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство, против сите десет членови на избирачкиот одбор во Зајас, соопшти денеска партискиот портпарол, Димче Арсовски. Партијата се сомнева дека на првиот круг од претседателските избори месецов, таму е прекршена законската регулатива.

„Според извештајот на ДИК во гласачкото место 0816 во населеното место Зајас, во општина Кичево во периодот од 15 до 17 часот гласале вкупно 297 лица, односно три пати повеќе од бројот на лица кои гласале до 15 часот. Според ваквите податоци, произлегува дека за два часа успеале да гласаат 297 избирачи или во просек на секои 24 секунди гласал по еден гласач што физички е невозможно имајќи ја предвид процедурата за гласање на секои избори. Дополнително по завршувањето на гласањето е утврдено дека во посебниот извод од избирачкиот список за избирачко место се потпишани 412 лица, оодносно 4 помалку отколку што имало ливчиња во гласачката кутија“, појасни Арсовски попладнево.

„Кривичното дело е сторено со тоа што е дозволено од страна на избирачкиот одбор непознати лица да гласаат за други лица без да бидат проверени притоа со УВ ламба што е стандардна процедура, пронајдени во избирачки список и без да се потпишат во Избирачкиот список што исто така е стандардна процедура при секое гласање. Избирачкиот одбор е директно виновен за стореното кривично дело и за овозможување на истото кривично дело“, додаде тој, нагласувајќи дека доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт секое кривично дело со кое се попречува волјата на граѓаните, ќе биде процесуирано.