Празнични пораки од претседателските кандидати, но и средби со граѓаните викендов – ММС
ММС

Објавено на: 04/26/19 3:08 PM

Празнични пораки од претседателските кандидати, но и средби со граѓаните викендов

И покрај велигденските празници, тече кампањата на претседателските кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска и на СДСМ, Стево Пендаровски.

Денеска започнува големиот христијански празник кој има не само теснорелигиозно значење туку и општочовечка порака. Празнуваме и во исто време испраќаме порака вредностите поврзани со вербата во луѓето, љубовта, човечноста, соживотот, разбирањето да не бидат актуелни само на празници туку секогаш и со секого – порача кандидатката Сиљановска Давкова.

Според неа, Велики Петок е денот кога најмногу треба да се запрашаме што сме сториле за својата земја, својот народ, предците и идните поколенија.

Кандидатот Пендаровски пак, по повод Велики петок, заедно со семејството беше во посета на Марков манастир во населеното место Маркова сушица.

При посетата, Пендаровски упати порака на помирување, заедништво и благосостојба во велигеднските денови што претстојат.

– Во овие денови кога сме препуштени на духовниот мир и личниот спокој, да испратиме порака дека толеренацијата, пријателството, меѓусебното почитување и помагање не се само христијански, туку и универзални човечки вредности. Само со почитување на овие вредности и денеска и секој ден во годината, може да создадеме општество што обезбедува мир и благосостојба за сите. Само ако меѓусебно се помагаме и разбираме можеме да одиме заедно напред кон подобра иднина за нас и за следните генерации – порача Пендаровски.

Тој и Сиљановска Давкова ги  продолжуваат средбите со граѓаните.  Пендаровски организира средби викендов во Скопје и Галичник, а Сиљановска – Давкова во Гостивар.