Околу 15 000 луѓе ќе ја следат литургијата на Папата Франциск во Скопје: Обезбедени се 2000 места за седење – ММС
ММС

Објавено на: 04/24/19 2:06 PM

Околу 15 000 луѓе ќе ја следат литургијата на Папата Франциск во Скопје: Обезбедени се 2000 места за седење

На седми мај со специјален лет на Меѓународниот аеродром Скопје во 08 часот и 15 минути во официјална посета на земјава ќе допатува Папата Франциск. Тој доаѓа во придружба на триесетчлена делегација.

Неполн час по пристигнувањето на Аеродромот, Папата Франциск  во претседателската Вила на Водно ќе има одделни средби со актуелниот шеф на државата, Ѓорѓе Иванов и неговото семејство, но и со премиерот Зоран Заев и семејството. По ваквите средби кои се дел од официјалната церемонија, тој ќе се обрати пред претставници на  државниот врв,  дипломатскиот кор и на граѓанското општество.

Светата миса на Папата која ќе се одржи на централниот плоштад во Скопје е закажана за 11 и 30 – најави денеска државниот секретар во МНР, Виктор Димовски. Тој потсети дека граѓаните кои ќе сакаат да присуствуваат на настанот ќе треба да обезбедар билети:

„Сите наши граѓани кои имаат желба да присуствуваат на светата миса ќе мора да обезбедат билети кои се бесплатни и кои може да се подигнат во Католичката црква Пресвето срце Исусово, како и во католичките парохии ширум земјата. Поради строгите безбедносни протоколи, пристапкот на плоштадот ќе биде овозможен преку три влезови. Влезот во литургискиот простор ќе биде отворен во шест, а затворен во девет часот претпладне“.

Се очекува, мисата да ја проследат околу 15 000 луѓе – додаде денеска на прес конференција Димовски.

Папата Франциск при посетата ќе го користи и специјалното „голф“ возило, познато како „папа мобил“. За овој настан веќе се акредитирале околу двесте домашни и уште толку странски медиумски работници. Поради присуството на Папата нивото на безбедност во главниот град ќе биде на највисоко ниво, а автобусите на ЈСП со цел да ги пренесат сите заинтересирани граѓани на големиот настан ќе возат бесплатно.