Мицкоски предупредува на сценарио за погазување на вољата на народот на избори – ММС
ММС

Објавено на: 04/19/19 2:00 PM

Мицкоски предупредува на сценарио за погазување на вољата на народот на избори

Масовно да се излезе на избори пред малку на прес конференција повика лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Изјавите за алтернативни сценарија, кои на крај водат кон избор на претседател во Собранието, за Мицкоски е сомневање дека постои сценарио да не се признае народната воља. Народот е тој што ги избира политичарите, независно дали се тоа градоначалници, пратеници или претседател на државата, рече Мицкоски.

-Сакам да бидеме на јасно. Ова е сценарио за суспендирање на вољата на граѓаните. Поништување и уништување на правото на граѓаните директно на непосредни избори да го избира својот претседател. Добро се знае кој го има мнозинството во Собранието исто како што се знае  начинот на кој го избираа претседателот на Собранието. Со ова изборот на претседател ќе се сведе на трговија на услуги наместо да биде јасно изразената воља на граѓаните на избори, рече Мицкоски, според кој, избирањето на претседател на државата во Собранието, не е „баш Европска Македонија“.

Мицкоски рече дека јавно предупредува на можно сценарио, со цел власта да не ги прифати изборните резултати, бидејќи според него, граѓаните не ја поддржуваат власта.

Во телевизиски настапи и Зоран Заев и Али Ахмети синоќа зборуваа за варијантата за избирање на претседател на државата со Собранието . Ахмети рече дека тоа е негова идеја од пред десетина година, која тогаш не била прифатена од како што рече меѓународните пријатели. Заев пак рече дека тоа е законска можност, но само доколку и во втор обид на избори не се избере претседател. Премиерот денеска на новинарско прашање одговори дека не сака да размислува за алтернативи, бидејќи верува во успешни избори.

-Не си дозволувам да коментирам што би било, како би било, заради тоа што очекувам и знам дека цензусот можеме да го постигнеме. Кога зборуваме за ситуации што ќе биде ако биде, тогаш демотивираме излезеност. Верувам дека ќе имаме успешен прв и втор круг, верувам дека непосредните избори се подобредојдени, секогаш ни стојат алатките и преку Парламент да бира претседателот, ни стојат алатките да ги повториме изборите, тоа ни се правните можности. Но, имаме одговорност како граѓани да излеземе и да гласаме за претседател на нашата земја, одговори Заев.

Според него, неизборот на претседател на овие избори, значи нова политичка криза.