Преку проектот „Социјална инклузија и економско зајакнување на млади и на млади родители во социјален ризик преку мерки за генерирање приходи” досега се поддржани 335 млади лица, од кои 130 се вработени, а 56 имаат создадено нивен сопствен бизнис, беше посочено на денешната завршна конференција на која беа презентирани резултатите од неговото спроведување.
Проектот го спроведуваа СОС Детско село, Општина Гази Баба, во соработка со Агенцијата за вработување, со поддршка од Германското министерство за економска соработка и за развој и на Фондацијата Херман Гмајнер.
Јулијана Накова Гапо, национална директорка на СОС Детско село, наведе дека проектот е позитивен пример како со еден сеопфатен пристап, со добра соработка на сите релевантни чинители може да се постигне успех и да им се помогне на младите луѓе, особено на маргинизирани лица, лица кои се во социјален ризик, да добијат еднакви можности на пазарот на труд.
– Агенцијата за вработување останува отворена за соработка со сите чинители во државата кои сакаат да направат проекти со цел намалување на младинската невработеноста, истакна на денешната конференција директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.
Посочи дека во 2018 година младите активно учествувале во реализација на мерките и политиките за вработување на Агенцијата за вработување.


