Швајцарските научници на состанокот на Европската геонаучна унија во Виена во студија предупредуваат дека до крајот на овој век глобалното затоплување ќе го стопи повеќето од мразот што ги обликува изгледот и екосистемот на Алпите кои се простираат низ повеќе европски земји.
Дури и ако светот успее да ја постигне поставената цел глобалното затоплување да се сведе на помалку од два Целзиусови степена, две третини од ледниците во тој европски планински синџир ќе исчезнат, тврдат научниците од ЕТХ во Цирих, а пренесуваат хрватски медиуми.
– Алпите, главно, ќе бидат без мраз до 2100 година. Ќе има само изолирани мали парчиња на врвовите – изјавил еден од коавторите на студијата, Матијас Хан.
Научниците сметаат дека веќе до 2050 година нема да го има ни половината мраз на алпските врвови, а во втората половина на векот порастот на температурите ќе биде значително поизразен. Со рапидното намалување на количествата мраз, на Алпите ќе се променат и екосистемите, а тоа многу ќе влијае и на стопанството, земјоделството, туризмот, енергетиката…


