Брегзит одложен до 31 октомври – ММС
ММС

Објавено на: 04/11/19 9:16 AM

Брегзит одложен до 31 октомври

Фото: Leon Neal – Pool/Getty Images

Лидерите на ЕУ на синоќешниот вонреден Самит во Брисел постигнаа договор за одлагање на британското истапување од Унијата до 31 октомври, со дополнително разгледување на ваквата одлука на средбата на врвот во јуни – објави на Твитер претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Тој информира дека и британската премиерка Тереза Меј се согласила со одлуката за одлагање на Брегзит за шест месеци.

– Земјите членки на ЕУ се согласија на флексибилно одлагање до 31 октомври. Тоа значи дека Обединетото Кралство добива дополнителни шест месеци за да најде најдобро возможно решение (за Брегзит) – додава Туск во објавата, потенцирајќи дека до пролонгираниот рок Лондон ќе може да осмисли своја стратегија за напуштање на Унијата.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, пак, соопшти дека лидерите на ЕУ ја донеле ваквата одлука за да спречат Брегзит без договор.

Ирскиот премиер Лео Варадкар по завршувањето на Самитот информира дека Меј се согласила Велика Британија да учествува на изборите за Европскиот парламент, закажани за во мај.

Одлуката на лидерите на ЕУ следи по барањето на Меј од минатата недела за одлагање на Брегзит до 30 јуни. Меј, од своја страна, синоќа изјави дека и било тешко да побара ново одлагање на британското истапување од ЕУ, но дека сега Лондон добил јасен распоред за своите активности.

Таа нагласи дека нема да се преправа оти следните неколку недели ќе биде лесни и дека постои едноставен начин за излез од ќор-сокакот со усвојувањето на Договорот во британскиот Парламент.

Според Меј, доколку Долниот дом на британскиот Парламент го усвои Договорот за Брегзит најдоцна до 22 мај, тогаш Велика Британија нема да учествува на изборите за Европарламентот.

На претходниот Самит на ЕУ, одржан минатиот месец, лидерите на ЕУ решија дека доколку Парламентот во Лондон не го усвои Договорот за Брегзит, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата в петок, на 12 април, на полноќ.