Во говорот поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) Сuлејман Реџепи, кога кажал дека „овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет “ не споменал генерално „Македонци“, туку мислел на жителите на селото Лажец. Ова го дообјаснуваат од ИВЗ, иако Реџепи и навистина да мислел на народот од Лажец, требало да знае дека мнозинството жители се Македонци – 161, а потоа втора мнозинска заедница се Албанците со 135 жители.
-Нам не ни пречи да градат цркви, но никогаш нема да молчиме кога не попречуваат во градењето на џамиите, кога не се одобрува нивната изградба, оваа работа нема да ја дозволиме никогаш. Никогаш нема да молчиме. Се надеваме со Господ напред дека ќе дојдат подобри времиња. Ние имаме народ и места секаде. Во село Лажец, Битолско, повеќе од 100 години немаат џамија. Замислете вие со каков див народ живееме. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот, не се освестува“, кажа во говорот поглаварот на ИВЗ во Лажец.
Говорот на Реџепи предизвика бура од реакции во јавноста.
Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи за ширење говор на омраза од страна на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи.
„За време на церемонијата на поставување камен темелник на џамијата во скопското село Арнакија, реисот Реџепи се обрати до присутните верници со зборови кои предизвикуваат омраза, раздор, нетрпеливост и исмејување на македонскиот народ – исполнувајќи ги битијата опишани во член 319 и 179 од Кривичниот Законик.
Користењето говор на омраза од страна на вршител на висока верска функција и човек со големо влијание во јавноста е особено опасно и недозволиво. Во една мултиетничка и мултиконфесионална држава, верските лидери треба да се свесни за својата улога и да дејствуваат во духот на толеранцијата и соживотот, а не да иницираат и разгоруваат нетрпеливост и омраза.
Од тие причини, побаравме од МВР веднаш да постапи по оваа пријава и да ги преземе сите мерки согласно законските прописи“, соопштија од Хелсиншки комитет.
Крајно неприфатливо е за еден поглавар на верска заедница да се служи со таков говор на омраза и да поттикнува верска и национална нетрпеливост, стои во реакцијата на Цивил.
„Неприфатливо е поглавар на верска заедница, чија цел е да обединува, а не да создава раздор меѓу народот, своите сограѓани да ги квалификува како „дивјаци и луѓе без идентитет”. Неприфатливо е човек кој е полн со толкава омраза да биде највисокиот претставник на една верска заедница во земјата. Исто така, неприфатливо е што оваа своја постара изјава, реисот повторно ја промовира на социјалните мрежи, и тоа во време на изборна кампања, со што дава еден поинаков контекст на целата содржина и отвора можности за манипулации и злоупотреба”, реагираат од Цивил.


