Кој е во право, а кој не е, и дали некој може да го докаже тоа е прашање што допрва ќе треба да се решава за немилите настани на натпревар во Втората македонска кошаркарска лига. Секој си влече на своја страна!
Кошаркарите на КК Тетекс преку социјалната мрежа Фејсбук излегоа со тврдење дека полиција ги спасувала од линч на гостувањето во Чаир, во неделата вечерта, кој го загубиле со 81:74.
„КАТАСТРОФА ВО ЧАИР… Нашата екипа беше донесена со полиција во Чаир, присуство од 50 полицајци и специјалци, така бевме и извадени од сала во полициски возила за да не бидеме линчувани во Чаир. Навивачите не пцуеја на секаква основа плукани, гаѓани со лименки, плус играчите во терен удираа со се живо и диво по нас. КАТАСТРОФА … БРУКА е ЧАИР воопшто да играат кошарка… ЖАЛНО… Црн ден за кошарката во МАКЕДОНИЈА …“ – се огласи КК Тетекс.
Денеска, пак, МКФ излезе со соопштение дека според делегатскиот извештај, гостинската екипа безбедно ја напуштила спортската сала.
„Натпреварот помеѓу тимовите на Чаир 2030 и Тетекс ТТК во рамки на дваесет и второто коло од Втората лига (Запад) во машка сениорска конкуренција беше пријавен како натпревар од висок ризик од канцеларијата на Здружението на Сениорски лиги при МКФ.
Согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, Министерството за внатрешни работи прави проценка кои безбедносни мерки треба да преземени превентивно.
Во конкретниот случај службите на МВР процениле дека гостинската екипа на овој натпревар, екипата на КК Тетекс ТТК, треба да има полициска придружба за време на влегување и излегување од спортската сала во која ќе се одигра натпреварот.
Според делегатскиот извештај, натпреварот поминал во смирена атмосфера се до последната четвртина кога на теренот е фрлен тврд предмет (полна лименка од кока кола) кон играч на екипата на КК Тетекс ТТК, но предметот не повредил никого. Забележано е и неспортско навивање од страна на навивачите на домашната екипа КК Чаир 2030, но не со националистички карактер или провокации. По завршување на натпреварот гостинската екипа безбедно ја напуштила спортската сала што е потврдено и во разговор помеѓу делегатот на натпреварот и тренерот на гостинската екипа.
За санкционираните учесници на натпреварот ќе бидат изречени казни од Комесарот за натпреварување согласно Пропозициите за натпреварување на сениорски лиги“, стои во соопштението на МКФ.


