Се губат животи заради лајкови: Над 250 луѓе загинале правејќи селфи фотографија – ММС
ММС

Објавено на: 04/8/19 12:41 PM

Се губат животи заради лајкови: Над 250 луѓе загинале правејќи селфи фотографија

Деветнаесетгодишна девојка  викендов го загуби животот во Ниш, откако паднала од кров на зграда, додека се обидувала да снима видео клип за социјалните мрежи.

„Сите соседи слушнаа некаква галама, дојде и полиција и Брза помош, но девојката веќе беше мртва. Тука доаѓаат многу деца за да се фотографираат. Горе е убаво и се гледа целиот град, но местото не е оградено и не е безбедно“, раскажува жител на Ниш за Б92.

Психолозите предупредуваат дека младите имаат се’ поголема потреба за да се докажат во општеството. Работите како фотографирање или снимање видео спотови се неважни, но впрочем, за нив се исклучително важни, па честопати тие не се свесни во каков ризик се впуштаат – пишува Б92.

Податоците покажуваат дека од 2011 до 2017 година, над 259 луѓе загинале обидувајќи се да направат селфи фотографија. Поради ова, истражувачите од Американската национална медицинска библиотека препорачуваат на местата кои би можеле да бидат опасни по живот, да се воведат „зони без селфиња“. Во таквите места спаѓаат планинските врвови, високите згради или одредени водени површини, бидејќи најголем дел од луѓето кои настрадале правејќи селфи, го загубиле животот на некоја таква локација. Како најчеста причина за смртта се наведуваат сообраќајни несреќи или пад од висина.  Честопати како причина за смрт во текот на правењето селфи се јавуваат и струен удар, пожар или напад од животни.

Инаку, смртните случаи при правење селфи се најчести во Индија, САД и Пакистан, а во 72 проценти од случаите, се работи за мажи.

Меѓу најновите трагични случаи, е и оној кога туристика од Хонг Конг дошла до работ на Големиот Кањон во Аризона обидувајќи се да направи совршено селфи и паднала.

Неодамнешниот трагичен случај во Ниш, не е прв од таков вид во Србија. Лани во октомври беше пронајдено телото на дваесет и седумгодишен маж кој паднал од карпа на која сакал да се фотографира со пријателите.

Истражувачите тврдат дека бројот на смрти случаи за време на правење селфи фотографии би можел да биде многу поголем во иднина.