Фото: Архива
Конфедерацијата на слободни синдикати (ККС) утре повторно ќе протестира. Од КСС соопштија дека утрешниот протест ќе се одржи во Куманово, каде ќе ги повторат барањата за зголемување на платите во јавниот сектор од 1 јануари согласно покачувањето на минималната плата и исплата на К-15 во јавниот сектор.
Според претседателот на КСС, Благоја Ралповски платите во јавниот сектор се социјална категорија:
„Изминатата година излеговме јавно, на протести и на прес-конференции и се обидовме да ги решиме нашите барања кои се сосема легитимни. Минималната плата во изминатата година ипол е зголемена за 25 проценти, а платите во јавниот сектор во одредени дејности се зголемени за пет проценти, а во одредени дејности не се покачени“.
Синдикалците уште еднаш повторија дека се против трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор.
Најавуваат дека ќе продолжат со нивните активности и за време на претседателската кампања. Притисокот од членството, како што рече Ралповски, е се’ поголем и се бара генерален штрајк.


