Синдикатот на клинички центар не го прифаќа концептот за јавно-приватно партнерство во ЈЗУ – ММС
ММС

Објавено на: 03/28/19 1:18 PM

Синдикатот на клинички центар не го прифаќа концептот за јавно-приватно партнерство во ЈЗУ

Синдикатот на клинички центар соопшти дека за нив не е прифатлив концептот за јавно-приватно партнерство во јавните здравствени установи кои се во состав на Клинички центар, вклучувајќи ја и стерилизацијата и Клинички центар како установа од посебен интерес за државата треба да се изземе од планирањето при вакви и слични реформи во јавното здравство.

– И на Синдикатот на клинички центар и на јавноста добро и е познато значењето и улогата на јавното-приватно партнерство и правата на вработените во таквите „јавно” приватни партнерства. Истото се однесува и за правата на пациентите во таквите „јавно” приватни болници, каде главниот интерес на новите „јавно” приватни газди е исклучиво и единствено профитот. Истовремено, Синдикатот на клинички центар не прифаќа каков било натпревар или споредба на Универзитетска клиника со приватна здравствена установа. Несфатлива е и помислата дека Универзитетска клиника може да се затвори на сметка на приватна здравствена установа, стои во соопштението.

Секој кој ќе доведе до затварање на Универзитетска клиника на сметка на приватна здравствена установа, се посочува во соопштението, треба да е свесен дека неповратно го почнува процесот на уништување на јавното здравство со сите несакани последици по пациентите и граѓаните.

Според Синдикатот на клинички центар, ваквите реформи во јавното здравство се спротивни на претходно ветените заложби на Владата за зајакнување на јавното здравство.

Од Синдикатот на клинички центар ги потсетуваат министерот за здравство и премиерот за нивните ветувања, за кои чекаат реализација, а тоа се: основна плата на доктор специјалист во терциерно здравство до 2020 година од 100.000 денари; двојно зголемување на платите на другите здравствени работници, единствен клинички центар и бесплатен паркинг за вработените во Клинички центар или да не е повеќе од 200 денари месечно.

Од Синдикатот на клинички центар го потсетуваат министерот за здравство дека крајниот рок кој тој го одреди за изградба на две до три катни гаражи истекува за две недели.

– Притоа вети и се обврза дека по изградбата на катните гаражи картичката за паркинг за вработените во Клинички центар ќе биде бесплатна или нема да е повеќе од 200 денари месечно. Во меѓувреме, ниту еден столб не е поставен на просторот предвиден за катни гаражи, а вредноста на картичката за паркинг за вработените во Клинички центар е зголемена за 229 отсто и изнесува 800 денари, што за поедини профили вработени е еднакво на процентот на покачување на јануарската плата. Синдикатот на клинички центар и вработените очекуваат реализација на ветените програми и планови, стои во соопштението.