Конференција: Северна Македонија да биде држава без рудници – ММС
ММС

Објавено на: 03/26/19 3:26 PM

Конференција: Северна Македонија да биде држава без рудници

Северна Македонија мора да биде земја без рудници, а владата да го стопира овој проект. Наместо рудници, алтернатива е зелената економија. – порачаа учесниците на денешната конференција „Не за рудници, да за зелена економија”, што ја организираше партијата ДОМ.

„ Пораката што ние како зелена партија сакаме да ја пратиме е дека сме против рудници, но нудиме алтернатива што е здрава за граѓаните и здрава за животната средина, а тоа е зелената економија. Тоа е начин на кој државата може да направи економски развој и жителите да имаат економски бенефити и истовремено да се заштити и животната средина и здравјето на луѓето“, истакна пратседателката на ДОМ, Маја Морачанин.

Според неа, во југоистокот жителите главно се занимаваат и нивната егзистенција зависи од земјоделските дејности и од туризмот, а доколку биде одземена концесијата за рудникот Иловица, Владата нема да плаќа пенали.

„Во Европската унија веќе одамна е прифатена циркуларната економија, тоа значи дека треба досегашниот економски модел на линеарна економија, во која само се црпат природните ресурси од планетата и се искористуваат за потоа да се продуцираат огромни количини на отпад со кои не можеме да се справиме на одржлив начин, да се замени“, потенцираше Морачанин.

Костадин Ристоманов, од Здружението против отворање на рудникот Иловица „Еко долина” нагласи дека рудник нема да има, посочувајќи дека младите од регионот истакнале оти, како што рече, ако треба со „жив ѕид” ќе го спречат работењето.

– Премиерот сам кажа дека постојат три, четири причини за веднаш да им се одземе концесијата на „Еуромакс рисорсис” за рудникот – нагласи Ристоманов, повикувајќи го заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во јавност да го прикаже документот за оценка за влијание на животната средина, оквалификувајќи го тој документ како „јавна тајна”.

Ангел Наков, од Здружението „Спас за Гевгелија”, истакна дека проектот е катастрофален:

„Тоа е еден катастрофален проект, донесен од претходната Влада, кој оваа Влада има задача да го стопира бидејќи тоа ќе претставува катастрофа, ќе се претвори половина Македонија во пустина“.

Истакна дека Владата презела два важни чекори, односно ја одзела концесијата за рудникот Казандол во Валандово и го донела Законот за забрана на цијанид и сулфурна киселина за употребна во рудниците во Северна Македонија.