Учебниците ќе се менуваат во духот на Преспанскиот договор: Ќе се отстрануваат формулации кои создаваат непријатност – ММС
ММС

Објавено на: 03/25/19 4:18 PM

Учебниците ќе се менуваат во духот на Преспанскиот договор: Ќе се отстрануваат формулации кои создаваат непријатност

Викендов Скопје беше домаќин на вториот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, кој беше формиран согласно Преспанскиот договор. Каде се разидуваат ставовите на експертите, какви се забелешките – се уште не се открива.

Учебниците по историја, географија, социологија и етика за основно и средно образование, викендов биле предмет на разгледување од експертите од Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања. Комитетот ги разгледувал учебниците само генерално, без подетално навлегување во содржината – брифираа денеска од македонска страна, не откривајќи каде се разидуваат ставовите.

Доколку Комитетот одлучи дека во учебниците има формулации кои предизвикуваат непријатност кај едната страна тие би се модифицирале, или како што вели амбасадорот, Виктор Габер кој стои на чело на нашиот тим, би се реинтерпретирале.

Тие формулации според него, ќе треба да се прилагодат на новото време донесено од Преспанскиот договор, но и на принципите на УНЕСКО и Советот на Европа за оваа материја.

„Атмосферата беше конструктивна за двата концепта кои треба да се усогласат, бидејќи се работи за два образовни системи кои со години се граделе, а треба да имаат заедничка иднина. Во учебниците треба да се избегнува третирање на другата страна – едната спрема другата она што претставува непријатност, за да се чуе и да се образуваат новите генерации во духот на солидарност и меѓународна соработка“, изјави денеска Габер.

Следниот состанок е закажан за 12 и 13 април во Атина, каде експертите очекуваат поконкретна дебата. Нивните препораки за измени на учебниците ќе треба да ги одобри Советот за соработка на високо ниво. Дали тоа ќе се случи од следната учебна година, се’ уште е неизвесно.