Течат подготовките за посетата на Папата Франциск: Отворена и нова веб страница за објава на деталите – ММС
ММС

Објавено на: 03/21/19 12:31 PM

Течат подготовките за посетата на Папата Франциск: Отворена и нова веб страница за објава на деталите

Течат подготовките за посетата на Папата Франциск, кој на седми мај пристигнува во земјава. По неговото и пристигнувањето на делегацијата од Ватикан, на аеродромот во Скопје ќе биде организирана церемонија за добредојде – соопшти денеска на прес конференција, државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

„Официјалната церемонија со највисоки државнички почести ќе биде организирана во претседателската палата на Водно, по што ќе следува средба со претседателот Иванов.  Светиот Отец, Папата Франциск ќе се сретне и со претседателот на Владата, Зоран Заев, по што ќе следуваат средби со претставници на државниот врв, на цивилното општество и дипломатскиот кор, а агендата предвидува и посета на Спомен куќата на Мајка Тереза, каде ќе има средби со лидерите на верските заедници, како и средба со сиромашни граѓани. Централниот настан – светата миса ќе се одржи на плоштадот Македонија. Потоа, Папата Франциск ќе се упати во Катедралата Пресвето срце Исусово, каде ќе оствари меѓурелигиска средба со младите од нашата земја и регионот, кои тој ден ќе бидат во Скопје. Ќе има средба со свештениците и нивните семејства, како и со многу посветените лица од Католичката црква, по што ќе следи испраќање на делегацијата на аеродромот во Скопје“, изјави Димовски.

Тој рече дека со цел за максимално успешна организација креирана е и посебна страница www.papa.mk. Таму според него, се објавуваат сите неопходни вести во врска со посетата – организациски и сервисни информации,  од важност за граѓаните.