Мицкоски вчерашните пресуди за „27 април” ги оцени како класичен политички прогон – ММС
ММС

Објавено на: 03/16/19 5:53 PM

Мицкоски вчерашните пресуди за „27 април” ги оцени како класичен политички прогон

По вчерашното објавување на судските пресуди за лицата кои беа инволвирани во упадот во Собранието на 27 април 2017 година , претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Штип оцени дека тоа е класичен политички прогон на актуелната власт, против оние што не се истомисленици. Според Мицкоски, ваков притисок е невиден во поновата историја и, како што рече,  Заев се закани на 28 април 2017 година, а речиси две години потоа судијата Кацарска и обвинителката Рускоска испорачаа.

-Оваа драконска казна е исклучително да се втера страв меѓу гласачите, граѓаните на Република Македонија, а исто така и да се пресметаат со политички неистомисленици. Но, она што го нарача Заев на 28 април 2017 денеска го испорачуваат неговите слуги, Кацараска и Рускоска од судството и обвинителството. Она што е реалност во Република Македонија ќе го видиме на 21 април и на 5 мај,  а тоа е силата и енергијата што постои меѓу граѓаните, изјави Мицкоски.

Прашан дали актуелната ситуација како политичка партија ќе ја презентираат и пред меѓународните институции, Мицкоски одговори дека најголемата опозициска партија е гостин во своите простории.

-Да ја потсетиме македонската јавност, ние се уште имаме замрзнат имот и практично сме гости во нашите објекти. Нашите членови и симпатизери се под постојан мониторинг и под голема закана и уцена од нивните претпоставени од локалната и централната администрација, посочи Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека и покрај сето тоа, тие се на терен меѓу граѓаните, а членството се мобилизира за претстојните Претседателски избори. Тој денеска беше во посета на Свети Николе и Штип.

извор-МИА