Осумгодишниот Лев и неговата сестра Амелија која има 2,8 години, заедно со нивните родители Валерија и Александар Кленови, денеска собираа отпад покрај реката Бошава во Демир Капија.
Ова не е прв пат, меѓународно познатиот руски алпинист, кој со семејството одлучи да живее покрај Демиркаписката клисура, заедно со своите најблиски, да биде дел од еколошки акции во природа.
– Демир Капија има прекрасна животна средина, таа не заслужува да биде извалкана од страна на поединци. Секогаш кога можеме, организираме вакви или слични акции, а се приклучуваме и кон еко-активности кои ги организираат други. Се со цел да го сочуваме непроценливото природно богатство со кое располага овој крај. Така и денеска, излеговме во еко мисија, на повик од Спортскиот клуб “Клисура” од Демир Капија, изјави за МИА човекот кој настојува крај железната порта, да привлече што е можно повеќе посетители и туристи.
Изрази задоволство што истовремено, во чистење на околината се вклучиле и уште неколкумина демиркапијци и еден скопјанец кој бил на спортско качување на клисурата.
Вчера, еколошка акција со собирање на отпад организираше и планинарското друштво „Орле” од Кавадарци.
извор-MIA